Некој сакаше да ја изврти мојата изјава дека центарци гласаа за личност, а не за политика – вели Герасимовски

Ги почитувам социјалдемократските политики, но на локално ниво работиме во интерес на граѓаните, вели кандидатот на СДСМ за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, во интервју за „360 степени“ на МРТ1. Коментирајќи ги реакциите за изјавата во која тој порача дека разликата во гласови меѓу него и тие за Советот се должи на фактот што граѓаните ја препознале неговата работа наспроти политичките интереси, посочува дека останува на истиот став, кој според него погрешно бил интерпретиран од поединци.
„Многу добро беше потенцирано и кажана изјавата, некој сакаше да ја изврти целосно. Ги очекуваме сите гласови, без разлика од која политичка партија се. Пред сѐ гласовите на Социјалдемократскиот сојуз, но ќе биде интересно што ќе имаме гласови и од други политички партии, па и од невладиниот сектор“,вели Герасимовски.
На прашањето дали, сепак, Герасимовски се дистанцира од СДСМ и во реториката и во кампањата која се разликува од партиската во боите и логото, тој вели:
„Покажавме како се работи во интерес на граѓаните, заедно со сите советнички групи. Сега имаме уште поинтересен состав на советничките групи, многу мешан, каде што ќе го менаџираме заедно со сите советници. Станува збор за локална самоуправа. Да, сите имаме поддршка и доаѓаме од одредена политичка партија, но ова е локална самоуправа каде што целосно треба да се посветиме за проектите во интерес на граѓаните“.
Поконкретно за Советот кој има 23 члена – осум од СДСМ, седум од ВМРО-ДПМНЕ, тројца од Левица, по двајца од ЗНАМ и „Независни заедно“ и еден од ДОМ, Герасимовски вели дека ќе се разговара со сите пратенички групи за обезбедување мнозинство, ако освои втор мандат.
„Да не ги заборавиме резултатите од 2024 г., каде што ВМРО-ДПМНЕ имаше 12 000 гласови, односно речиси 6 000 гласа повеќе од СДСМ, а ние успеавме на овие избори да извојуваме победа, имаме еден советник плус. Ќе разговараме со сите советнички групи за да се договориме како ќе функционира Советот. Јас верувам дека со добро менаџирање и со домаќинско работење, како што го имавме изминатите четири години, ќе продолжиме и во наредните четири години и дека ќе успееме да направиме заедничко мнозинство. На последната седница на Советот имавме суспензија на одредена парцела за што гласаа сите советници. А и на поголем дел од предлозите коишто се преточуваа во програми, гласаа речиси сите советници. Сите добри проекти, без разлика дали се од ‘Шанса за Центар’, од Левица, од ВМРО-ДПМНЕ, беа прифаќани од моја страна и од целиот тим на луѓе и заеднички реализирани. Затоа говорам и затоа имаме таква кампања, поради тоа што функционираме на локално ниво во интерес на граѓаните. Што би било ако се конфронтираме едни со други? На крај на денот страдаат граѓаните“,
додава Герасимовски.






