Некои луѓе пред избори

Некои луѓе мислат дека сите политичари се исти. Ако тоа е така, зошто тие луѓе, огорчени и разочарани, револтирани и гневни, не го осветлат патот по кој одат, зошто упорно газат и лутаат низ мракот, зошто не започнат тие да нѐ водат? Зошто не го посејат семето на добрината, наместо што лелекаат за отровите кои ги дишат од злото за кое упорно молчат.

Некои луѓе заокружуваат избор заради кој утре веќе ќе плачат, затоа што сепак живеат опкружени со луѓе чии стомаци кркорат, колку и да ги затвораат ушите, не може да се побегне од своите. Некои луѓе не сме сите ние, ама некои луѓе се срамат од изборите, заради кои се прават дека не постојат останатите луѓе.

Но затоа пак, некои луѓе знаат дека немаат друг избор, затоа и се борат, затоа што немаат што да изгубат.

Има секакви луѓе кои ќе заокружуваат во недела. Некои луѓе за својот мир, не ги интересира немирот кој ја јаде оваа земја. Некои пак, баш заради својот немир, затоа што не сакаат повеќе да ги гледаат оние кои заради сопствениот мир нѐ довеле дотука. Некои се борбени, други понизни, некои се лути, но останатите се помирени со мизеријата, фино се дружат со неа, животот и онака поминал.

Некои луѓе, секакви луѓе. Којзнае што луѓе ќе бевме, баш вакви, поделени и разјадени, ама е важно сега да се знае-да не се стане само нелуѓе, дотаму да не се отиде

Биљана Секуловска

Back to top button
Close