Неколку арапски држави предлагаат измени на планот на Трамп за завршување на војната во Појасот Газа

Катарската телевизија „Ал Арабија“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека неколку арапски земји предложиле измени во американскиот план за завршување на војната во Појасот Газа.

Телевизијата не ги именува државите кои предложиле измени на планот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓу измените се предлага по завршување на борбите Палестинската самоуправа да управува со Појасот Газа, а не привремена, преодна влада составена од палестински технократи. Арапските држави предлагаат и целосно повлекување на Израел од палестинската енклава, како и Хамас да престане со вооружените активности, но не и да се разоружа.

Арапските и муслиманските земји минатата недела беа известени за планот за завршување на војната во Појасот Газа. Планот ќе му биде презентиран и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на утрешната средба со Трамп во Белата куќа.

Претходно, Хамас соопшти дека не го добил планот за завршување на војната во Појасот Газа.

Во меѓувреме Трамп најави дека наскоро ќе објави „нешто посебно“ за мировните преговори за Блиски Исток.

– Имаме реална шанса да постигнеме нешто големо на Блиски Исток. Сите се подготвени за нешто посебно, за нешто што се случува првпат, Ќе направиме тоа да се случи, објави денеска Трамп на својата платформа „Трут соушал“ (Truth Social).

Израелскиот портал „Тајмс оф Израел“ (The Times of Israel) вчера о објави документот што Трамп му го претставил на лидерите од регионот. Планот содржи 21 точка:

1. Појасот Газа ќе биде зона без терор која не претставува закана за своите соседи.

2. Појасот Газа ќе биде обновена во корист на својот народ.

3. Доколку двете страни се согласат со предлогот, војната ќе заврши веднаш, а израелските сили ќе ги прекинат сите операции и постепено ќе се повлечат од Појасот Газа.

4.  Во рок од 48 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел, сите живи и починати заложници ќе бидат вратени.

5.  По враќањето на заложниците, Израел ќе ослободи неколку стотици палестински затвореници кои отслужуваат доживотни затворски казни и над 1.000 жители на Газа уапсени од почетокот на војната, заедно со телата на неколку стотици Палестинци.

6. По враќањето на заложниците, членовите на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот ќе добијат амнестија, додека оние кои сакаат да го напуштат Појасот Газа ќе добијат безбеден премин.

7. Откако ќе се постигне договор, Појасот Газа ќе добива помош од најмалку 600 камиони дневно, ќе се реконструира клучната инфраструктура и ќе биде донесена на опрема за отстранување на урнатините.

8.  Помошта ќе ја дистрибуираат ОН и Црвената полумесечина, заедно со други меѓународни организации кои не се поврзани со Израел или Хамас, без мешање од која било страна.

9. Појасот Газа ќе биде управуван од привремена, преодна влада на палестински технократи. Ќе биде надгледувана од ново меѓународно тело основано од САД со арапски и европски партнери, кое ќе ја финансира реконструкцијата сè додека Палестинската самоуправа не ја заврши својата реформска програма.

10. Ќе се подготви економски план за реконструкција на Појасот Газа, фокусиран на привлекување инвестиции и создавање работни места.

11. Ќе се воспостави економска зона со намалени царински давачки и стапки за пристап.

12. Никој нема да биде принуден да го напушти Појасот Газа, а жителите ќе бидат охрабрени да останат и да изградат иднина во Појасот.

13.  Хамас нема да има никаква улога во управувањето со Појасот Газа. Ќе има обврска да ги уништи и да стопира изградбата на каква било офанзивна воена инфраструктура, вклучително и тунели.

14. Регионалните партнери ќе обезбедат безбедносни гаранции за да се осигури дека Хамас и другите фракции ќе ги почитуваат своите обврски.

15. САД заедно со партнерите ќе развијат привремени меѓународни стабилизациски сили, кои веднаш ќе бидат распоредени во Појасот Газа за да ја следат безбедноста и да ја обучуваат палестинската полиција.

16. Израел нема да го окупира или анектира Појасот Газа, а Израелските одбранбени сили постепено ќе ја предадат територијата на заменските безбедносни сили.

17.  Доколку Хамас го одложи или отфрли овој предлог, горенаведените точки ќе продолжат да се спроведуваат во областите без терор, кои Израелските одбранбени сили постепено ќе ги предадат на меѓународните сили.

18. Израел се согласува да не извршува идни напади врз Катар. САД и меѓународната заедница ја признаваат важната посредничка улога на Доха.

19.  Ќе се воспостави процес на дерадикализација на населението, вклучувајќи меѓуверски дијалог.

20. Како што ќе се постигнува напредок во обновата на Појасот Газа и се спроведува реформа на Палестинската самоуправа, можат да се создадат услови за кредибилен пат кон палестинска државност.

21. САД ќе воспостават дијалог помеѓу Израел и Палестинците за да се договорат за политички хоризонт за мирен соживот.

Back to top button
Close