Неколку болници во земјава означени како „црвен зони“ за евентуален бран бегалци од Украина, вели Сали
Досега здравствените власти немале посебна потреба за интервенција во случај на бегалци од Украина, освен раѓањето на едно девојче во болницата во Чаир
Неколку болници во земјава се означени како точки каде што би можеле да се сместуваат бегалци од Украина доколку дојде до наплив, открива министерот за здравство Беким Сали во интервју за државната агенција МИА.
Околу 2,7 милиони бегалци досега ја напуштиле Украина. Неодамна Меѓународната федерација Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФЦР) изразија загриженост дека војната во Украина би можела да доведе до зголемување на бројот на новозаразени со ковид-19, како во Украина така и во нејзините соседни земји. Северна Македонија не е сосед, но, сепак, Сали нагласува дека се подготвени и за сценарио и со евентуален бран бегалци.
„Засега ние немаме наплив на мигранти од Украина и тие малку што се, во помал број, се згрижени. Досега не сме имале некоја посебна потреба од итна здравствена услуга, освен раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир. Тоа е единствената услуга засега што сме ја пружиле на мигрант. Досега немаме ни најава за доаѓање, за пристигнување на некој одреден број на мигранти. Меѓутоа, сепак ние како Министерство сме организирани и спремни за пречекување. Неколку болници сме ги назначиле како ‘црвени зони’, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти и сметам дека сме доволно спремни за пречек“,нагласува Сали.