Неколку стотици граѓани вечерва во Гостивар се собраа во поддршка на Таравари

На улицата пред куќата на Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и претседател на Алијанса за Албанците (АА), вечерва се собрале неколку стотици граѓани, негови поддржувачи, откако утрово пред неговиот дом бил пронајден неиспукан куршум од автоматска пушка.

 

Таравари сподели фотографии на неговиот фејсбук-профил, на кои се гледа како дел од присутните со запалени факели му изразуваат поддршка, а тој со мегафон им се обраќа на присутните.

„Промената започна“,напиша тој на Фејсбук.

Според ТВ 21, Таравари одржал говор пред насобраните поддржувачи, порачувајќи дека сега повеќе од кога било е убеден во патот што го избрале, односно да се приклучат кон опозициските партии на Албанците.

Тоа, како што рекол Таравари, го констатирал на средба со ограноците на партијата, но пред сѐ со граѓаните, кои, според него, сакаат промени.

„Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата. Тоа го заклучив зборувајќи со шефовите на ограноците, говорејќи на состанокот на Претседателството пред еден месец. Но, сега кога ја гледам поддршката од населението, сигурен сум дека ова мора да го продолжиме, со што ќе им ја донесеме промената за Албанците. Среќен сум што ги имам луѓето со мене. Сега најмногу што им треба на Албанците е да им донесеме промени. Верувам дека на 8 мај заедно ќе славиме. На моето барање за соработка со опозицијата позитивно одговорија 70 отсто од парламентарците“,рече Таравари пред неговите поддржувачи во Гостивар.

Актуелниот претседател на АА денеска на Фејбук ја потврди информација дека пред неговиот дом бил пронајден неиспукан куршум и порача дека и да пукаат тешка артилерија, промената е започната и нема да запре.

„Кој и да го испукал тој куршум, му велам: ‘И да пукате тешка артилерија, промената започна и нема да запре’. Можете да ме убиете, а тоа би била голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова. Но, ти би убил само еден човек, што ќе правиш со илјадниците, стотици и милиони луѓе кои веќе се кренати на нозе? Не можеш да молчиш, да убиеш, да запреш народ. Ви благодарам на сите што ме поддржувате! Го правите моето срце планина! Промената ја започнавте со мене или без мене. Промената е готова!”, напиша Таравари.

За денешниот случај со неиспуканиот куршум пронајден пред домот на Таравари осуда стигна и од неговите сопартијци, со кои изминатите денови е во отворен раздор околу учеството на Алијанса за Албанците на претстојните избори.

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска изјави дека го загрижуваат информациите за пронајдениот неиспукан куршум пред куќата на претседателот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

Доколку е точно дека пред домот на Таравари бил оставен куршум, Ковачевски рече оти во тој случај Министерството за внатрешни работи треба да интервенира, како што тоа беше случај по вчерашниот физички напад на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците (АА).

Алијанса за Албанците изминатите денови е во центарот на вниманието откако во саботата Фејсбук стана арената во која првенците на Алијанса за Албанците ги потврдија шпекулациите за длабоките разлики во врвот на партијата за тоа како и со кого да се настапи на претстојните парламентарни избори.

Лидерот Таравари напиша дека бара поддршка од Централното собрание за да им се приклучат на опозициските партии на Албанците. На ова реагираше генералниот секретар на АА и министер за правда, Кренар Лога, кој напиша оти партијата веќе одлучила дека на изборите ќе оди самостојно. Му се приклучи претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го обвини Таравари дека има шверцерски тенденции и дека како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

 

Back to top button
Close