Некрстени денови: запалено бугарско знаме, испратен остар демарш

На денешен ден пред 29 години Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Република Македонија, пишува Дојче веле.

Додека во македонската јавност се дебатира дали полицијата требало да интервенира против прекршувањата на здравствените мерки за заштита во Вевчани, и чии партиски структури се обиделе тамошниот карневал да го злоупотребат за политички провокации, од официјална Софија стигна „остар вербален демарш“ за вандалски чин сторен во Вевчани: палење на бугарското знаме. Демаршот до МНР го упатил бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, а за него на Фејсбук информираше лично шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.

„По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија, му наредив на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, да ја изрази пред владата на РСМ нашата силна огорченост од тој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во МНР на РСМ“, објави Захариева.

Ова не е прв случај на палење на бугарско знаме. Видео на кое е прикажан таков чин, беше објавено и во ноември минатата година. Македонското Министерство за надворешни работи тогаш најостро го осуди таквиот акт, оценувајќи го како „евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија”. МНР апелираше до граѓаните да не потпаѓаат под такви провокации, чија намена очигледно е нечесна и е во спротивност со стратегиските интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите.

Mazedonien: Karneval in Vevcani

Медиумите од источната сосетка кусо ја пренесуваат веста за запаленото бугарско знаме, без дополнителни коментари. Во информациите се дава само објаснување дека Вевчани се наоѓа во југозападниот дел на земјата, дека оваа година немало официјална организација на карневалот, и дека полицијата се обидела да го спречи собирањето во центарот на селото поради мерките за дистанца.

Некрстени денови

Деновите од Божик до Водици, според народното верување, се нарекуваат „некрстени” или „погани денови”. Тие се сметале за најопасните денови во годината, кога луѓето се изложени на силно влијание на демони, па луѓето од дамнина организирале разни ритуали под маски за да ги избркаат злите сили наречени караконџули, тарамбаби, ѓаволици… Дел од таа традиција е и карневалот под маски во Вевчани, каде на духовит и ненавредлив начин со години се исмеваат најактуелните настани и личности во изминатата година. Но, палењето на државно знаме на која било држава, ниту е духовит чин, ниту треба да биде дел од карневалот, дури и кога тој не е официјално организиран. Особено, што хронологијата бележи уште еден карневалски инцидент насочен кон друга соседна земја.

Во 2012 година официјална Атина се пожали поради сличен инцидент на карневалот во Вевчани: симболичното погребување на Грција со ковчег и некролог, и палење на грчкото знаме. Грчкото Министерство за надворешни работи испрати протестна нота до Скопје, во која настанот го оцени како „провокативен“ и „навредлив“, со став дека треба да се преземат мерки за да се избегнат слични инциденти во иднина. Грчки европратеник постави прашање дали Европската комисија е запознаена со случајот, дали ќе реагира и дали смета дека ваквите активности ги поткопуваат изгледите за успех на тешките преговори за името.

Симболиката на 15-ти јануари

Сега „историјата“ се повторува, во време кога се прават обиди за решавање на спорот со Бугарија и се водат интензивни дипломатски активности меѓу двете земји. Да биде иронијата поголема, вандалскиот чин со палење на знамето се случува во пресрет на еден од датумите кој се се смета за најзначаен во односите меѓу двете земји: 15 јануари 1992 година, денот кога пред 29 години, Владата на Република Бугарија ја призна Република Македонија за суверена и независна држава. Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на Република Македонија, во мандатот на тогашниот претседател Жељу Жељев, кој го потпиша указот на признавањето, а со негово посредништво земјава беше призната и од страна на Руската федерација.

Имаше голема симболика за тој датум, и во фактот што пред три години (2018 година), пратениците во Собранието токму на 15-ти јануари го донесоа Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше потпишан на први август 2017 година.

 

Back to top button
Close