Нема да гласаме „против“ изборот на Савески, а тој е партиски обвинител и нема наша поддршка, рече Тренчевска од СДСМ
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, во Собранието оцени дека изборот на нов државен јавен обвинител не треба да се сведува само на личноста на кандидатот, туку на контекстот и системот во кој тој ќе функционира. Таа кажа дека СДСМ нема да гласа „против“ изборот на предлогот.

„СДСМ јасно порачува дека Савески е партиски обвинител на ВМРО-ДПМНЕ. Во мандатот влегува без поддршка на опозицијата. Секое сомнително постапување ќе се смета за директно исполнувње на долгот кон партијата која го избрала“, рече Тренчевска
Таа посочи дека кандидатот Ненад Савески има професионално искуство кое, како што рече, не може да се игнорира, но предупреди дека постои ризик од политичко влијание врз обвинителството.
„Не зборуваме против човек, туку против систем кој се гради. Најголемата опасност е намерата обвинителството да стане продолжена рака на политиката“, изјави Тренчевска.
Според неа, предлогот за нов Закон за јавно обвинителство содржи одредби кои отвораат простор за, како што оцени, прикриена партизација на институцијата. Таа ги посочи можностите за преземање предмети и оценување на обвинителите како механизми што може да се злоупотребат.
„Се создава систем во кој еден човек може да блокира предмети поврзани со афери, под изговор на нестручност“, нагласи Тренчевска.
Пратеничката упати и директни прашања до Савески, повикувајќи го да ја гарантира својата независност доколку биде избран.
„Дали ќе ги користите овие механизми за да казнувате обвинители кои истражуваат тендери? Дали ќе поднесете оставка ако Владата врши притисок преку буџетот?“, праша таа.
Тренчевска додаде дека новиот обвинител ќе треба да покаже дека може да се спротивстави на политичките притисоци и да обезбеди еднаква правда за сите граѓани.
„Правдата не смее да биде партиска и контролирана“, порача Тренчевска.






