Нема да има една изборна единица – обидот на ЛДП пропадна, а наводно сите даваат поддршка
Пропадна обидот на либералката Моника Зајкова да се смени изборниот модел во една изборна единица со отворени листа. Предлогот доби поддршка од само 19 пратеници од опозицијата.
„Не е фер гласовите на околу 30 до 40 илјади граѓани да одат во вода, само заради изборниот модел. Ова не е само политичка неправда, туку е уставна повреда на начелото за еднаквост на гласот.“, додаде Моника Зајкова.
Според Зајкова, демократијата ќе се унапреди доколку постои можност граѓанинот да го бира директно својот пратеник преку отворени листи.
„Има страв од отворените листи кај оние кои со години ја градат својата моќ на неотчетност, на контролирани листи.“, порача Моника Зајкова.
Иако од партијата не гласаа „за“ предлогот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека тие поддржуваат една изборна единица. Според Мицкоски, темата се покренала откако од ДУИ, како што вели, ја нападнале Владата дека не се грижела за дијаспората со новиот Закон за локална самоуправа.
„Еве ние сме за тоа да имаме една изборна единица и да може и тие да учествуваат во еден таков изборен процес, да немаме трошоци, да немаме повеќе изборни единици… да има една и да се влеваат сите гласови во една изборна единица и на резидентното население, но и на онаа дијаспора којашто ќе сака да учествува.“, вели Христијан Мицкоски.
Претходно од ДУИ истакнаа дека тие поддржуваат предлог за една изборна единица со отворени листи, но со изборен праг за избор на пратеници – 3% од регистрираните гласачи или 5% од излезените на изборите (tv21)