„Нема да отстапиме ниту сантиметар“ – Георгиев: Ставот кон Македонија останува одржлив и тврд

„Не отстапуваме, се си е напишано црно на бело“ – ова го порача бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, прашан за евроинтеграцијата на Македонија. Тој присуствуваше на собраниската седница, на која пратеници од сите бугарски партии усвоија Декларација која потенцира деак се неприфатливи какви било обиди во рамките на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.

„Бугарија ќе продолжи да го запазува договореното од 2022 година. Ние нема да отстапиме ниту еден сантиметар од него. Нема да престанеме да повторуваме дека запазувањето на европските барања е тоа што е неопходно за да може да се постигне напредок.“, вели Георгиев.

Фото: Ројтерс

Додека Георгиев вели дека бугарската позиција е одржлива и тврда, властите се надеваат дека Европскиот Парламент ќе го изгласа Извештајот за земјава, во кој се споменува засебен македонски идентитет и јазик. По повикот на премиерот Мицкоски, опозиционерот Филипче лобирал кај европските социјалисти текстот да биде изгласан. Сепак, тој има дилеми.

„Дали конечно, доколку биде прифатена, тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доовлна форма на гаранција да се започне процесот на уставни измени?“, прашува Венко Филипче.

На прашањето на Филипче, одговорија дел од аналитичарите.

„Дали тоа отвора пат за уставни измени? Мислам дека е чекор кон уставни измени. Дека е единствен и доволен? Не би рекол. Сепак клучниот момент е да го заштитиме процесот на проширување од билатералните барања на Бугарија.“, изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Томас Вајц истакна дека поради некои прашања што биле поставени, особено од бугарската страна, потребно било да се споменат постоењето на засебен македонски идентитет и јазик во Извештајот што го подготвил. Расправата за текстот ќе започне наредната недела.

Back to top button
Close