Нема да прифатам пред македонска нација да стои зборот „сегашна“, вели Мицкоски за извештајот за напредокот на земјава во ЕП

Премиерот Христијан Мицкоски нема да прифати пред македонска нација да стои зборот „сегашна“ во извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава, како што предлагаат пратеници од бугарската партија ГЕРБ.

Ова Мицкоски го кажа денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика, за очекувањата од закажаната расправа за в среда во Европскиот парламент.

 

За премиерот, предлогот за додавање на зборот „сегашна“, е обид за создавање нова, вештачка македонска нација.

„Работната верзија од извештајот на известувачот за Македонија, Томас Вајц, за нас е важна и значајна бидејќи првпат се споменува посебен македонски идентитет, како што впрочем сите земји имаат свои посебен идентитет, така и ние зборуваме за посебен македонски идентитет, и посебен македонски јазик, чијашто кодификација ја славевме оваа година, 80 години. За жал, од страна на некои негови колеги, пратеници на коишто доаѓаат од нашата сестринска партија ГЕРБ, предлагаат пред македонскиот идентитет да стои зборчето ‘презент’, сегашен. За нас, тоа не е изненадување, бидејќи од самиот почеток на оваа авантура на прифаќање на претходната влада, од Бујар Османи и Димитар Ковачевски, уште од тоа време зборувавме за ова, дека зад сето ова се крие создавање една вештачка нација, сегашна македонска нација. Тоа е суштината“,вели Мицкоски.

Посочи дека имал интензивни разговори со неколку влијателни луѓе и во Европскиот парламент и во Брисел, на кои им посочил дека доколку тоа се случи, ќе се потврди тоа дека не станува збор за неколку стотини граѓани кои се сметаат дека се дел од бугарската заедница во Македонија, туку дека е обид за создавање нова, вештачка, сегашна македонска нација која почива на корените на бугарската нација.

„Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам. Никогаш нема да го прифатам затоа што тоа нема никаква врска ниту со европските ниту со какви било вредности. Тоа уште еднаш покажува со какво незнаење и авантура Бујар Османи и Димитар Ковачевски влегоа лековерно прифаќајќи тоа што им беше сервирано на маса мислејќи дека на тој начин ќе продолжат да си играат фудбалчиња, да го крадат и пљачкосуваат народот, да купуваат трговски центри, да го збогатуваат возниот парк со скапи автомобили ‘мајбах‘ и така натаму. Но народот на 8 мај 2024 година даде одговор на сите овие гимнастики и авантури“рече тој.

Сега, како што додаде, очекува Европа да даде одговор, односно има шанса да се исправи историска неправда.

Според него, вистината е дека официјална Софија никогаш не се препакувала и останала да биде слеп заложник на политиките на „живковизмот“, односно создавање нова македонска нација која почива на основите на бугарската нација.

„Тоа е суштината зад сето ова. Нема врска неколку стотини наши граѓани во преамбулата. Тоа е само пред завесата. Зад завесата ова е суштината. Секој оној кој не верува во ова или е политичка аналфабета или свесно сака да ги манипулира граѓаните“кажа премиерот.

Во нацрт-верзијата на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјава првпат се споменуваат посебен македонски идентитет и посебен македонски јазик.

Извештајот ќе се гласа в среда, на 4 јуни.

Back to top button
Close