Нема да се гонат министри директори на јавни претпријатија предложени од владата: Нова амнестија за функционерите – поминаа измените на Кривичниот законик на власта

Со 76 гласа и само еден против и без ниту еден прифатен амандман на комисиската расправа и забелешка од експертите, во Собранието беа изгласани измените на Кривичниот законик кои ги предложија пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а кои експертската јавност гласно ги критикуваше затоа што наместо поостри казни за функционерите, ја продолжуваат амнестијата за нив и им овозможуваат побрзо застарување на делата.
Иако со години се најавува нов Кривичен законик кој исто со години го спрема работна група, сепак пратениците од ВМРО-ДПМНЕ предложија измени додека биде предложен новиот Законик иако никој официјално не кажува зошто се одложува. Единствено во Собранието, пратеничката од Левица Јована Мојсоска кажа дека нема да гласаат, сите други партии беа тивки и измените поминаа брзо.
– Владејачкото мнозинство немаше слух, со ваквото законско решение имаме намалување на казните за злоупотреба на службената положба и делата поврзани со јавни набавки се декриминализираат. Со ова законско решение се предвидуваат само две законски основи за гонење на злоупотреби на јавни набавки кои воопшто ги нема во пракса. Системскиот Кривичен законик не го гледаме, не го донесе ниту оваа, ниту претходната власт. Ова е само шминкерско решение колку да се запаси рокот кој го даде Уставниот суд. Ако власта имаше искрени намеси ќе го препишеше законското решение од 2023 година кое предвидува многу поригорозни казни. Со ова решение ќе има побрзо за застарување, во претходниот закон немаше предвиден максимум за злоупотреба за службената положба, горната граница беше 20 години затвор, а делото застаруваше за 40 години. Сега ќе имаме застарување на милионските криминали за 16 години. Ваквата мнестија е за фирми кои се тесно поврзани дали со братучеди, роднини на јавни функционери. Со ова законско решение за прв пат се воведува можноста за условна казна, па не мора ни да ги отвораме границите, или да ги расипуваме камерите, функционерите може да комфорно да си ги трошат парите – рече Мојсоска.
На ова ѝ реплицираше Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ која порача дека Мојсоска требало да ги поддржи измените како жена, затоа што за прв пат се унапредуваат правата на жртвите на семејно насилство, па насилниците ќе може да се гонат по службена положба без да пријавува жртвата.
– Ја промашивте темата. Во 2023 година вие им направивте кворум на СДСМ за да се спасат 80 ваши функционери и вие најмногу капитализиравте од тие измени – остро реагираше Мојсоска.
Правната фела веднаш по предложените измени реагираше дека се протнуваат измени во КЗ во членовите со кои треба да се гонат функционерите со нешто повисоки казни од контроверзниот Законик усвоен во 2023 година, но далеку поблаги споредени со тие од стариот Кривичен законик, каде имаше казни без горна граница, односно без пропишан максимум. Па за максимум се сметаат 20 години, а делата застаруваат за 40 години.
Имаше реакции за тоа што нема да се гонат министри директори на јавни претпријатија предложени од владата но и дека се декриминализира делот во јавните набавки, за местење тендери, техничка спецификација и фаворизирање на фирми.






