Нема договор меѓу Иран и САД. Венс: „Не сакаат да се откажат од нуклеарното оружје“

Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, во неделата изјави дека неговиот преговарачки тим го напушта Пакистан откако 21 часовни разговори не успеаја да постигнат договор со Иран. Венс рече дека американските преговарачи се враќаат дома бидејќи Иран не се согласил со условите на САД, вклучително и обврската да не развива нуклеарно оружје.

„Лошата вест е дека не постигнавме договор и мислам дека тоа е многу полоша вест за Иран отколку за Соединетите Американски Држави“, рече Венс. „Значи, се враќаме без договор. Ги ставивме нашите црвени линии многу јасно.“

Венс рече дека неколку пати разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за време на разговорите.

„Едноставно треба да видиме обврска од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје и алатки што ќе му овозможат брзо да развива такво оружје“, рече Венс на кратката прес-конференција во Исламабад. „Тоа е нашето фундаментално барање.“

Американскиот потпретседател истакна дека нуклеарната програма на Иран е „уништена“, но нагласи дека „потребна е фундаментална обврска“ од Техеран дека нема да развива такво оружје во иднина. „Сè уште не сме го виделе тоа. Се надеваме дека ќе го видиме“.

 

Венс на тој начин сугерираше,  дека нуклеарната програма на Иран е најголемиот проблем во преговорите, пишува Си-Ен-Ен. „Заминуваме од тука со многу едноставен предлог, нашата најдобра и последна понуда. Ќе видиме дали Иранците ќе ја прифатат“, заклучи Венс.

Иран: Неразумните барања од САД предизвикаа пропаѓање на преговорите

Иранските медиуми, кои претходно објавија дека имало несогласувања меѓу Вашингтон и Техеран во преговорите, но дека тие ќе продолжат во недела, сега ја обвинуваат американската страна за нивниот прекин, пренесува Хина.

„Неразумните барања“ од САД предизвикаа пропаѓање на разговорите во Исламабад меѓу Иран и САД, насочени кон прекин на војната на Блискиот Исток, објави во недела иранската државна телевизија (ИРИБ).

„Иранската делегација неуморно и интензивно преговараше 21 час за да ги одбрани националните интереси на иранскиот народ. И покрај разните иницијативи од нејзина страна, неразумните барања на американската страна го спречија напредокот на преговорите. Затоа тие се завршени“, објави ИРИБ.

По објавата дека разговорите за завршување на војната на Блискиот Исток пропаднаа, Техеран изјави дека „никој не очекувал“ дека САД и Иран ќе постигнат договор во првата рунда разговори, според портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.

„Од самиот почеток беше јасно дека не треба да очекуваме да постигнеме договор во една рунда. Никој не го очекуваше тоа“, изјави Есмаил Бакаи за иранската државна телевизија, опишувајќи ја атмосферата како сомнителна и полна со недоверба. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, исто така, изрази увереност дека „контактите со Пакистан, како и со другите наши пријатели во регионот, ќе продолжат“.

Бакаи ја наведе „сложеноста на прашањата и условите на преговорите“. „За време на оваа рунда беа додадени нови теми, вклучувајќи го Ормускиот теснец и регионалните прашања, секое со свои специфични услови и размислувања“, додаде тој.

Иран не брза со преговорите, а ситуацијата во Ормускиот теснец нема да се промени сè додека САД не се согласат на „разумен договор“, според „информиран извор“ за полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним, пишува Ројтерс.

Преговори без преседан

Разговорите, без преседан меѓу две непријателски нации од Исламската револуција во 1979 година, се одржаа во трилатерален формат, со учество на пакистански претставници кои го олеснија двонеделното примирје кое стапи на сила во среда.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата изјави дека „не му е грижа“ дали преговорите ќе успеат.

„Во секој случај победуваме. Целосно ги победивме воено“, рече тој во краткото обраќање до новинарите од тревникот на Белата куќа.

Американската делегација на преговорите ја предводеше потпретседателот Џ.Д. Венс, придружуван од специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот Трамп. Иран беше претставен од влијателниот претседател на парламентот Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи. (Според агенциите)

Извор: nezavisen.mk 

Back to top button
Close