Нема договор за други интервенции во Уставот

Нема никаков договор, ниту пак досега е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Црногорците, Бугарите, Хрватите и другите етнички заедници кои имаат барање за тоа.

Ова е одговорот на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на прашањето на ДВ – дали има договор за што друго би се интервенирало во Уставот, освен за впишување на Бугаритe и други заедници?

Прашањето се наметна откако министерот за правда, Кренар Лога, вчера најави дека се размислува и за други прашања при отворање на Уставот: надминување на институционалниот вакуум меѓу оставка на еден и избор на нов министер (како што се случи со неможноста да се потпише издавањето еврообврзница по оставката на Тупанчевски); надминување на неможноста веќе распуштено Собрание да заседава за битни прашања (како што се случи во екот на пандемијата); за замена на формулацијата „јазик што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“ со формулацијата „албански јазик“; и да се повлече членување по функција на министерот за правда во Судскиот совет.

„Отворањето на нови прашања и други теми надвор одпрвичната цел за промена на Уставот, донекаде беа и очекувани“, вели Маричиќ.

„Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во францускиот предлог, кој е преточен во нашата Преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа. Ако сакаме да успееме со уставните измени, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ. За сите други прашања ќе биде потребна поелаборирана дискусија и таа може да се отвори и да потрае и подолго како процес, а некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени. Уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ се од интерес и на граѓаните и на државата. А кога се работи за граѓаните и државата треба да имаме иста цел и да направиме услови преговорите со ЕУ да бидат ефикасни и што е можно поскоро да станеме земја членка на ЕУ“, потенцира вицепремиерот Маричиќ.

 

Партиите со свои барања

Обврската за внесување на Бугарите во Уставот, без чија реализација не може да го почне отворањето на преговарачките кластери, уште од крајот на минатата година беше дочекана со барања и за други уставни измени. Партијата Беса побара замена на формулацијата „јазик што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“ со формулацијата „албански јазик“, што беше јавно поддржано и од други партии на Албанците како „достоинствено решение“ и како „проблем кој може да се поправи“ во вистинскиот момент кога ќе има двотретинско мнозинство.

Ова не е единствен предлог. Опозициската Алтернатива подготви предлог текст за уставен амандман, со кој се предвидува никогаш да не застаруваат кривичните дела извршени од избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт.

„Со тоа што ние го врзуваме овој услов за гласање на уставните измени, само покажуваме колку е битно за нас овој уставен амандман да биде прифатен од сите страни. Не знам кој ќе биде епилогот, ќе седнеме, ќе се договараме. Алтернатива во никој случај нема да биде пречка за европските интеграции. Ако има разбирање, ако има слух за нашето барање, и ние ќе бидеме конструктивни. Ако некој мисли дека Алтернатива не е битна во државата, тогаш сигурно нема да и требаат и нашите гласови за уставни промени“, рече минатата недела лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

ТВ Клан објави резултати од анкета на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“, која ги отсликува ставовите на граѓаните Албанци за уставните измени. Според резултатите, мнозинството Албанци (55,3%) ги поддржувале уставните амандмани како услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ, а 29,8% од нив сметале дека Северна Македонија не треба да го менува Уставот. Големо мнозинство од испитаниците Албанци (89,1%) сметале дека уставните измени треба да доведат до напреден статус на албанскиот јазик, кој треба да се дефинира како коофицијален јазик, на исто ниво со македонскиот. Само 6,4 отсто од испитаниците сметале дека треба да се зачува досегашната дефиниција, според која албанскиот јазик се дефинира како службен јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението. Анкетата била спроведена телефонски од 15-ти до 21-ви март и во неа учествувале 1.000 полнолетни граѓани.

 

Меѓу план и црвено копче

Во моментов уставните измени се далеку од квалификувано мнозинство, кое не е можно без поддршка од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека нема да поддржат уставни измени. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, смета дека никој нема да се осмели да ја стави државата во изолација во наредните 10 години.

„Мислам дека комуникациите на земјите членки кои даваат гаранција за кредибилноста на процесот и кои стануваат штит на нашите интереси во Европа – ќе ја убедат јавноста и политичките партии, и никој нема да се осмели да ја стави државата во изолација во наредните 10 години, во услови кога се јавува забрзана патека на регионот. Ќе биде многу тешко да се стисне црвеното копче“, рече Османи.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имаат план и решение, но дека услов за тоа е да има предвремени избори.

„Планот поаѓа од фактот што досега државата направи многу отстапки а за возрат не доби ништо, односно после секоја остапка Македонија губи повеќе. Затоа сме подготвени да разговараме како до решение со Бугарија, но најпрво да има избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за ДВ.

Оттаму објаснуваат дека партијата ќе понуди план кој ќе овозможи гаранција и заштита на три клучни столба – национален, политички и економски.

 

Back to top button
Close