Нема фризури за нив, вели директорот на Шутка за избричените глави на осомничените за убиството на Вања и Панче

Четворица од осомничените за грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски вечерва се спроведени пред Основниот кривичен суд во Скопје. Причината за нивното носење пред судот е барањето на обвинителството за продолжување на мерката притвор за нив. Првично, на сите им беше одреден 48-часовен притвор.

Во меѓувреме, изготвена е кривичната пријава и се очекува обвинителството да отвори истрага, што е основа за барање и потенцијално одобрување на 30-дневен притвор. Судијата на претходна постапка ќе донесе одлука вечерва.

Осомничените кои вечерва беа донесени пред судот се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо. Од досегашните изјави од истрагата, тие се сомничат дека учестувале во грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Четвртото лице кое вечерва е изнесено пред суд е Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Тој се сомничи дека на првоосомничениот му дал информација за движењето на детето. Целта била да се бара откуп по грабнувањето на девојчето, објаснија од истрагата, од што корист требало да имаат сите во групата. Александар Ѓорчески негирал дека имал таква улога во исказот пред обвинителството.

При спроводот на осомничените, упадливо беше што сите четворица беа со избричени глави и во иста облека – комбинезони. „360 степени“ побара став од директорот на Шуто Оризари за изгледот на осомничените. Ова е неговиот одговор:

„Не се толерираат во истражниот затвор фризури за сторители на вакви тешки кривични дела и не се толерира облека со некакви ознаки на неа“, изјави директорот на истражниот затвор „Скопје” Филип Андов, додавајќи дека затоа осомничени биле во комбинизони кои ги добиле во истражнито затвор.

 

Back to top button
Close