Нема конкретен термин за самитот Путин – Трамп, соопшти Кремљ
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека ниту рускиот ниту американскиот претседател не објавиле конкретен термин за одржување на средба.
– Ниту Владимир Путин, ниту Доналд Трамп, не објавија конкретен термин. И американската и руската страна изјавија дека ова може да потрае – посочи Песков, додавајќи оти подготовките за претседателската средба се сериозни.
Претходно, американски медиуми објавија дека е одложена средбата помеѓу шефовите на дипломатијата на САД и Русија, Марко Рубио и Сергеј Лавров. Со одложувањето на нивната средба се пролонгира и очекуваната средба на Трамп со Путин.
Рускиот заменик-министер Сергеј Рјабков наведе дека средбата Лавров – Рубио бара претходни подготовки.
– Не можеме да одложиме нешто што не е договорено. Не го потврдивме она што го пишуваа некои западни извори вчера. Немавме јасно дефинирано ни време ни локација за таква средба. Постои идеја за одржување на таква средба – истакна Рјабков.