Нема легализација на дивоградби со новиот Закон за управување со Охридскиот регион, вели министерката за култура

Работната група ја изработува новата нацрт-верзија на Законот за управување со Охридскиот регион и во неа има предлог терминот „урбана трансформација“ да се брише, вели министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Ова, според министерката, е во насока на избегнување на потенцијална закана за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

Според неа, се работи за термин на кој долго укажуваат и реактивните мисии во своите извештаи.

„Спорниот член на кој укажуваат невладините организации, а кој се однесува на дефинирање на терминот „урбана трансформација“, во верзијата на новиот закон за управување се предлага да се брише. Решивме тој член да го тргнеме, односно да го видоизмениме за да не се дојде до мислење дека со тој член ние сакаме да придонесеме кон поголема легализација на дивоградбите. Напротив, се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции коишто имаат можност тоа да го направат, за да не се легализира ниту една дивоградба“,ече Костадиновска-Стојчевска за МТВ.

Костадиновска-Стојчевска рече и дека од страна на институциите секогаш се упатува апел до општините да даваат поопсежни информации во однос на  дивоградбите. Според неа, во верзијата на новиот закон прецизно ќе се уреди и објасни темата со дивоградбите, за да не се добие впечаток дека ќе се пристапи кон нивна легализација.

Министерката изрази и задоволство од активното учество на невладиниот сектор и од нивното присуство на терен, во Струга и во Охрид.

Во однос на извештајот на Комитетот за светско наследство, и задржувањето на Охрид на листата на УНЕСКО, министерката за култура го изрази задоволството од позитивниот извештај за што, како што рече, придонес имаше и тоа што нашата држава е меѓу првите кои го преведоа  Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО.

„Ова Упатство кое помага во изработка на сите видови мислења, ние го препративме до општините коишто се инволвирани, и бевме навистина пофалени за напредокот којшто го имаме. Најголем удел во тој позитивен извештај има Комисијата којашто до сега функционираше при Министерство за култура, а сега според договор и според Законот се префрла во Министерството за животна средина и просторно планирање“,додаде Костадиновска-Стојчевска.

Според неа, таа комисија е браник којшто се занимава со сите мислења од општините, инвеститорите, архитектонски друштва и планерите во урбанизмот.

Таа истакна и дека удел за позитивниот извештај од УНЕСКО имало и од соработката со Албанија, зашто за прв пат оваа година е изготвен и заднички извештај од двете држави кон УНЕСКО.

Министерката за култура денеска во Охрид имала работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, соопштија од Министерството за култура.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО /
ФОТО: Министерство за култура

Од Министерството за култура велат дека на средбата било нагласено оти посветено се работи на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство.

„Не отстапуваме од грижата за Охридскиот регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“ рекла Костадиновска – Стојчевска, се наведува во соопштението од Култура.

На средбата станало збор и за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Во соопштението се додава дека на средбата се разговарало и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион – Светско наследство на УНЕСКО“, со цел  да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот регион да ги исполнат своите права и обврски.

Минатата година, во септември, на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржа во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, Охридскиот регион го задржа статусот на светско наследство на УНЕСКО.

На почетокот на февруари 2023 година, македонската национална комисија за УНЕСКО го достави Извештајот во кој земјава требаше да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство. Оваа „игра“ трае веќе шест години, откако уште во 2017 година УНЕСКО заклучи дека во Македонија недостасува елементарна грижа за прашањето.

И во 2019 година во Азербејџан и во 2021 во Кина, на маса беше предлогот Охридскиот регион да го загуби статусот светско културно наследство и да се префрли на листата – светско културно наследство во опасност. Само поради дипломатија и политика и во двата наврати, УНЕСКО не ја носеше таквата одлука, препорачана од експертите.

Back to top button
Close