Нема одговорност за родителите на насилниците кои брутално претепаа девојче во Штип
Адвокатката Маја Ристова повторно реагираше за случајот со врсничкото насилство во Штип, откако добила решение од Вишото јавно обвинителство во Штип со кое се потврдува одлуката на Основното јавно обвинителство дека нема основ за кривична одговорност на родителите на малолетниците кои учествувале во нападите врз 12-годишно девојче.

Според Ристова, во решението се наведува дека родителите не можат да одговараат за кривичното дело „Запуштање и малтретирање на дете“, бидејќи не биле свесни за постапките на своите деца.
Еве да видите дека не зборувам на памет кога пишувам дека државата нема да мрдне со мал прст за врсничките насилства, додека не ни се случи Рибникар. Само што примив Решение од Вишото јавно обвинителство во Штип во кое се вели дека Основното јавно обвинителство правилно утврдило дека родителите на децата што крвнички тепаа друго дете не се одговорни, затоа што не биле свесни за дејствијата што ги преземале нивните деца“, напиша Ристова.
Таа остро ја критикува ваквата одлука, посочувајќи дека насилството траело три месеци и опфаќало физичко и психичко малтретирање, а според образложението на обвинителството тоа не било доволно за да се утврди континуирано и сериозно занемарување од страна на родителите.
Дополнително, Ристова реагира и на делот од решението во кој, како што наведува, стои дека „фактот што детето самостојно преземало противправно дејствие не може да се квалификува како запуштање или малтретирање“.
„Каква порака се испраќа со ова? Ако овде нема одговорност, каде имаше и признанија и видеоснимки, што со останатите случаи на врсничко насилство?“, прашува адвокатката.
Случајот со врсничкото насилство во Штип ја вознемири јавноста откако беа објавени снимки на кои се гледа како 12-годишно девојче е физички и психички малтретирано од група врсници. Против малолетниците што учествувале во нападите и го снимале насилството веќе се води постапка, додека барањето за кривична одговорност на нивните родители останува отфрлено и по одлуката на Вишото јавно обвинителство.






