Нема политички капитал во туѓата трагедија

Сите очекуваат оваа колумна да биде посветена на трагедијата што се случи во Тетово, за евентуалната одговорност на Венко Филипче и паралелата со тоа што мене ми се случи додека јас бев министер во ова проклето тешко министерство. А јас се воздржувам да зборувам за тоа од една длабоко лична причина. Причината е тоа низ што јас поминав потоа, затоа што не сакам никој, никогаш да поминe низ такво нешто. Плукајте ме, колнете ме, прогласете ме за предавник и што ли уште не, ама јас не сметам дека сега треба некој, било кој, да му организира на Венко Филипче роднините на загинатите да му протестираат пред министерство, да го нарекуваат убиец, да му ја палат сликата, да го колнат и да му посакуваат смрт.

Тоа е нехумано и нецивилизирано, исто како што е некоректно да му се организираат невладини организации, да се прават црни кампањи на негова сметка, да го сатанизираат и оцрнуваат. Најдолно е и тотално неприфатливо за мене, било кој, за било која цел да им претставува на роднините на загинатите дека токму тој, актуелниот министер за здравство е директниот виновник за смртта на нивните најмили. По мене тоа е погрешно и надвор од секоја морална граница.

Печалење од трагедии 

Убеден сум дека не треба било кој, туѓата несреќа, политички да ја капитализира и да печали на нечија трагедија или нечија смрт. Тоа е одвратно, примитивно и нечовечки.

Уште некаде одекнува крикот на жената пред децата кога ја прочитала веста дека е пукано врз министерот за здравство и дека човек лежи пред министерството, без никаква дополнителна информација. Жив ли е или не! Или солзите и стисокот на мајката кога синот се врати жив дома и привидно ненасолзените очи на таткото. Вџашеноста на другарите и соседите. Не може да се заборави ниту болката и тагата за прерано згаснатиот недолжен млад детски живот, која е поголема од сето ова што претходно го опишав.  Е затоа, едвај и со неволност зборувам за оваа тема, затоа што сум против на народот да му се сервира крв во замена за политичка корист. Се водам од универзалната мудрост на која не научил големиот Конфучие, која вели: Не прави му го на другиот тоа што не сакаш тебе да ти го прават.

Затоа секогаш ќе бидам против искористување на туѓа трагедија за добивање на политички поени. Не, целта не секогаш ги оправдува средствата. Таа брутална макијавелистичка сентенца мора да има некаква морална граница која би го разграничила цивилизираното од нецивилизираното општество.

Најтешката позиција во државата 

Ова е длабоко личната причина зошто не сакам да се присетувам на таа трагедија, ниту пак на сето тоа низ што поминавме јас и моите најблиски. Немав правна одговорност, но имав морална одговорност.

Затоа, наместо одбрана или напад, наместо анализа или предлог, само ќе кажам дека Венко Филипче, иако можеби малку задоцнето, сепак го направи тоа што јас пропуштив. Тој понуди писмена оставка до премиерот. Јас поднесов усмена оставка до премиерот Груевски веднаш, неполн час по објавувањето на лошата вест дека еден недолжен млад живот згаснал, но не ја информирав јавноста за тоа. Затоа тоа како да не се важи, и затоа до ден денес ме притиска и ме мачи тоа што не бев доволно истраен на одлуката која интимно и длабоко во себе ја донесов уште во првиот момент.  Дали премиерот Груевски ќе ми ја прифатеше или не, е друга работа, исто како што е работа на премиерот Заев дали ќе му ја прифати оставката на Венко Филипче или не, и дали Венко Филипче ќе сака да остане на најтешката позиција во државава- министер за здравство.

Моралот пред желбата за власт 

Иако неволно пишувам и зборувам на оваа тема, во овој момент сметам дека изнесувањето на овој мој став во јавноста е моја пред се човечка обврска, затоа што не сакам никој никогаш да помине низ тоа што поминавме јас и моите најблиски, но уште повеќе затоа што не сакам никој никогаш да помине низ тоа што поминуваат оние кои изгубиле некој близок заради некоја трагедија која, кога светот би бил идеален или барем подобар, би можела да се избегне, но ете, за жал не се избегнала. Ниту било кој од нас е совршен, ниту па светот е идеален, но тоа не значи дека не треба кон тоа да се стремиме, а уште помалку тоа значи дека моралот треба да биде потиснат од желбата за власт и моќ. Не е власта толку важна и слатка колку што е тешка и една солза на тој што изгубил некој близок, па затоа тие две работи никогаш не треба да се ставаат во политичка корелација. Затоа ќе повторам уште еднаш, брутален е и се коси со основните принципи на цивилизираното општество било кој обид за политизација на некоја трагедија. Се согласувам  да се отвори зрела политичка дискусија со цел подобрување на системот и функционалноста на институциите, зошто една работа е од некоја трагедија да се стремиме да извлечеме поуки и да го подобриме системот, а друго е и за мене неприфатливо, злоупотреба на нечија трагедија или национална катастрофа за политички цели и партиско профитирање.

Бог нека ги прости оние кои си заминаа во оваа страшна трагедија и нека им даде сила на нивните блиски да издржат во овие тешки моменти.

Никола Тодоров
извор: ДВ

Back to top button
Close