Нема законска можност реката Дошница да се стави под привремена заштита, велат од Министерството за животна средина

Министерството за животна средина не може да ја стави реката Дошница под привремена заштита бидејќи предлогот за прогласување на заштитено подрачје на клисурата во Демир Капија не е формално доставен до нив. Барањето за нејзина привремена заштита минатиот месец беше доставено од граѓански организации и експерти, кои побараа мораториум на изградбата на мали хидроцентрали за да не се нанесе штета на подрачјето кое има многу голема вредност, објави Мета.

Од Министерството соопштија дека според законот за заштита на природата, под привремена заштита може да се стават само деловите на природата за кои се води постапка за нивно прогласување за заштитено подрачје, што не е случај и со Демиркаписката клисура.

„Досега до Министерството за животна средина и просторно планирање нема доставено иницијатива, односно предлог за отпочнување на постапка за прогласување, ниту има пак има изработено Студија за валоризација на природни вредности. Од тие причини не постои правна основа за ставање на овој локалитет под привремена заштита“, информираат од Министерството и посочуваат дека не се разгледува можноста за раскинување на концесијата, ниту, пак е разговарано со концесионерот на таа тема, иако малите хидроцентрали се уште не се изградени.

Група од дванаесетмина експерти биолози, геолози, географи и хидролози, неодамна побараа Министерот за животна средина Изет Меџити да го стави текот на реката Дошница и пределот околу неа под привремена заштита. Тие изразија загриженост поради најавените планови за изградба на мали хидроцентрали во сливот на реката на планината Кожуф, особено сега кога сè уште не се утврдени степенот на заштита и зоните на заштита на идното заштитено подрачје во клисурата Демир Капија.

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ во моментот изработува Студија за валоризација на природните вредности за овој предел, која откако ќе биде готова, општината Демир Капија и формално ќе ја поднесе иницијативата за заштита на клисурата. Оваа организација неодамна поднесе барање до Владата и за стопирање на концесиите, бидејќи во пределот за кој се работи Студијата, влегува и долниот тек на Вардар и неговите притоки, меѓу кои е и Дошница.

Од „Еко свест“ предупредуваат дека инфрастуктурни објекти неповратно ќе го оштетат уникатниот екосистем во демиркаписката клисура и реката Дошница, кои се дом на ретки и ендемични видови.

Екологистите со апел до Министерството да побара од инвеститорот да изработи извештај за спроведен мониторинг на биолошката разновидност во реката во времетраење од 12 месеци на локациите каде е планирана изградбата на проектите, како и извештај од мониторинг на водниот тек, кој ќе биде изработен од експерт хидролог со кој ќе се утврди еколошкиот проток за реката Дошница.

Од Министерството информираат дека се запознати со барањата на екологистите, кои во моментов се разгледуваат, а дали од концесионеот ќе се бараат дополнителни документи ќе зависи од мислењето на надлежните сектори во однос на основаноста на барањето.

Back to top button
Close