Неморалниот писател и неговите малолетни љубовници
Франција веќе со недели ја тресе „книжевен скандал“ кој ги премина границите па за него известуваат и New York Times, BBC, Neue Zürcher Zeitung, односно, релевантни светски медиуми.
Причината се педофилските склоности на еден писател. Бурата ја предизвика неодамна објавената автобиографска книга „Согласност“ на Ванеса Спрингор во која го опишува својот однос со четириесет години постариот маж кога имала само 14 години. Самиот тој факт не би предизвикал внимание и книгата веројатно би собирала прашина на полиците да не се работеше за писателот Габриел Мацнеф. Но, бидејќи се работ за еден од најпознатите француски писатели, овенчан со важни книжевни награди и признанија, книгата е веднаш распродадена.
Имено, Мацнеф токму и се прослави со автобиографски дела во кои ги опишува сопствените сексуални односи со малолетни девојчиња и момчиња. Многу од нив биле помлади од 15 години, што е законската граница под која делото е казниво. Пишувањето не му било доволно па за своето однесување се децении јавно се фалел во медиумите, пишувал колумни за тоа и слично. На пример, во прочуената ТВ програма „Апостроф“ на Бернар Пиво, во 1990 водителот го прашал „како е да се биде сериски колекционер на млади девојченца“, на што авторот фриволно му одговорил дека сака ученички кои уште не отврднале од разочарувањата од мажите. На тоа речиси сите присутни се смешкале со одобрување.
А зошто човекот и не би говорел отворено за сексуалните преференции кон малолетнички кога токму на тоа и ги изградил и својата книжевност и својот имиџ на јавна личност, никогаш не одрекувајќи дека се работи за вистински настани? Интересен е фактот дека сите овие децении во ниту еден миг ниту една личност не го повикала јавно за педофилија ниту го довела во прашање искуството на кое се темели неговата книжевна слава. Всушност, станал ценет и славен, му се восхитувале угледни луѓе и пријателувал со моќници, на пример со поранешниот претседател Франсоа Митеран. Самиот Пиво по повод најновите случувања изјавил дека тогаш, во осумдесеттите, „книжевноста била поважна од моралот“.
…
Славенка Дракулиќ
…