Необразована нација, небезбедна држава!

    

Во Велигденското послание МПЦ-ОА ќе нагласи дека „со некакви чудни реформи во образованието се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет”.

 

Моментот кога сите верници треба да се повикаат на заедништво, особено кога македонското ткиво треба да манифестира обединување барем околу една идеја преку неуспешен обид на политиканство се заменуваат тези, а воедно сме сведоци на замена и на работни позиции. Гледаме дека некој сака да облече мантија и ја превзема улогата да кажува како да се спроведе причеста која е темелот на религијата и нејзиното живеење секој ден и за секој празник, не само за Велигден во многу пандемии и војни зад нас. Од друга страна други пак посакуваат црковната одежда да ја заменат со бел мантил веројатно за да го споделат искуството со верниците како е да се лекуваш од Ковид 19 во приватното здравство.

Ова ниво на дискусија помеѓу носителите на два значајни општествени сегменти го потврдува недостатокот на вистинска дебата за клучните елементи од македонското живеење независно што како држава сме имале раст на демократскиот индекс. Повеќе сме свртени кон минатото и оптоварени со него. До кога мртвите ќе управуваат со животите на живите?!

За време на јавниот дискурс најголемиот дел засега немаат излезено од својот ров во кој се наоѓаат и само со дневно политички флоскули комуникацираат преку извиците на УРАА или пак го слушате ехото од другата страна на УААА. Ваквото ниво на дебата во недостаток на политичка култура загрижува. Кога ќе кажете нешто различно од мнозинството или кога може имате добра намера се обидуваат да ве стават во нечија групација под лавот или ружата или не дај боже симболично сакаат да Ве „запалат„ на плоштад.

Незадоволни професори создаваат уште понезадоволни студенти

Претстои период на деглобализација и време кога се менуваат перспективите на дефинирање и анализирање на заканите по безбедноста во поширок контекст. Но без разлика на динамичните промени, токму релацијата економија-образование-безбедност е една од клучните алки од кои зависи безбедносната кондиција на една држава. Необразована нација, значи небезбедна држава.

Професорите и студентите никогаш не стоеле на различни страни. Тоа е така уште од создавањето на првите универзитети во светот, од Светиклиментовиот во Охрид, па до Болоња и тие во Мароко и Египет за кои малку се знае…. но тука е важно едно да се каже: Незадоволни професори создаваат уште понезадоволни студенти. Статусот и стандардот на професорите, кој не е на потребното ниво, непосредно влијае врз студентскиот стандард и генерално рангирањето на македонските универзитети.

Толку големи се проблемите во високото образование што колку и да се добри намерите на пример на  еден колективен договор не може да ги реши напластените главоболки за кои лекот е само во едно конзилијарно мислење и системски приод на решавање во кое ќе се вклучат сите актери студенти, професори, административен и помошен кадар, Синдикати, МАНУ, Ректорати, Деканати…

За почеток треба да се избориме да се врати високото образование помеѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука, а потоа заедно да работиме на имплементација на заедничките цели и задачи преку поголема финансиска инјекција од државата за студентскиот стандард, за следење на наставата, сместувањето, факултетите, професорскиот кадар и неговото подмладување, како и заедничката работа во подоцнежните студиски години во делот на научните и стручни истражувања. Не смее да се потцени никој од високото образование, зошто еднаш таа грешка ја направи последната десна ориентирана политичка Влада. Ако студентите и професорите некогаш Ви излезат на улица, нема враќање назад.

Потребна ни е радикална промена во концептот на високото образование и науката, и само така ќе ги согледаме сите аномалии на македонската парадигма. Впрочем, кога стремиме кон Европската Унија и започнувањето на преговорите за членство, треба да го имаме предвид ставот на Европската комисија дека Европа мора да ги зајакне трите пола на триаголникот – знаење – образование – истражување и иновации. И за сите три најважни се универзитетите, факултетите. А студентите и професорите се столбовите на Универзитетот.

Прво денешната дипломирана младина, треба да има став и мотивација за да иницира промена во себе. За жал, наместо тоа, многу македонски дипломирани студенти сакаат сигурна работа во јавната администрација – според еден студент, овие работни места претставуваат долгорочна финансиска сигурност и општествената положба, во замена за релативно малку работа. Очигледно, овој дух не е погоден за одржливост на економијата и сигурен развој и кариера. Не смее студентскиот позитивен, оптимистички дух да биде заразен, а најмалку поразен. Ако некој ви даде услов за да се вработите, а да земете партиска книшка, гласно треба да кажете не благодарам!

Бидејќи стапката на невработеност кај младите е двапати повисока од вкупната стапка на невработеност, се чини дека социо-економските политики досега ги фаворизираа постарите генерации, што значи се фокусира на одржување на постојните работни места, наместо на развој на нови. Сега, младите ја плаќаат цената за тоа. Без чувство дека тука сте безбедни, дека можете да ја планирате својата иднина, се друго паѓа во вода.

Пандемијата влијаеше многумина да размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата. Денес сите кои се дел од Универзитетот и државните институции, воопшто, како општество, покрај справувањето со пандемијата се исправени пред предизвикот – Наместо умови, надвор да извезуваме успешни приказни, затоа што знаењето е единственото богатство што никој не може да го одземе. Нашата обврска е да го запреме процесот во кој оваа и идните генерации својата иднина исклучиво ја гледаат надвор од границите на државата.

Вложувањето во високото образование и науката најниски во регионот

Продолжува во целиот период на транзиција да се третира науката и високото образование како потрошувачка, а не како најважна продуктивна сила на општеството. За жал се одржува веќе трета деценија континуирано ниско ниво на јавни вложувања во  високото образование и научно истражувачката работа како проценти од БДП, најниско во регионот и пошироко.

Реформите во високото образование и науката се спроведуваат без потребната динамика и без заснованост врз стратегиско планирање коешто ги опфаќа сите потребни елементи за успех. Претходната влада изврши дисперзија на високото образование и формирање на бројни нови институции и дисперзирани центри со што се зголеми опфатот на младата популација во системот на високо образование, но негативни резултати од аспект на нужното подигање на квалитетот на студии. Оваа Влада се посвети на основното образование и како да високото е маргинализирано и заборавено. Може сега е отпочнат процес на социјален дијалог, но тоа е парцијален пристап и за жал синдикалниот плурализам се користи од поедини носители на јавни функции за поделба на јадрото во високото образование што досега го имаме видено неколку пати особено додека се менуваа законските рамки за високото образование. Примената на методот – раздели па владеј, водење на дебата како разговор на глуви или земи или остави со инат политика нема да донесе брзи решенија и ќе биде на заедничка штета.

Од друга страна приватниот бизнис-сектор е маргинализиран во процесот на управување, програмирање и финансирање на високото образование и научните истражувања и има најниско учество во технолошко-иновациската дејност во регионот. Креирањето и управувањето со системот на високо образование, истражување и развој и по донесувањето на нов закон за високо образование е централизирано и ја исклучува партиципацијата, а со тоа и одговорноста, на автономните високообразовни и научноистражувачки установи за клучни прашања од нивното работење. Без двоумење и политичко калкулирање треба да се поттикне критичка расправа за состојбите и развој во креирањето на посебна високо образовната и научната политика на државата која денес ја немаме. Само различностите во мислењето ќе не доведат конечно до  вистинска високообразовно-научна реформа, за која доцниме најмалку 20 години бидејќи е нужен предуслов за влегување во стабилен период и развој на општеството, како и конечно завршување на три децениската транзиција на македонската држава. После толку години се уште си немаме одговорено на прашањето каква наука и високо образование ни се потребни и дали постоечкиот модел е добар, функционален, исправен, продуктивен и не вади надвор од оваа жабокречина.

Будење на студентите

Перспективно се создава основа за одреден револт по основ на социјален план и големиот број на невработени, кои се млади генерации и тие денес во Република Северна Македонија масовно се наоѓаат во високото образование и ќе дипломираат. Таа средина на млади дипломирани студенти а невработени кога ќе се процени дека ќе биде 10-тици илјади и повеќе, ќе стане особено потенцијална маса на луѓе која може да биде незгодна за земјата. Терминот многу незгодно е исказ на Кремтон во негова книга „Балканот од 1945 година до денес“, тој ја анализираше состојбата на Косово во рамките на поранешна СФРЈ кога имаше масовно студирање, а минимално вработување на завршените студенти. Таа средина стана носител на движењето на бунтови во Приштина и претставуваше почеток на крајот на единството на Косово со Југославија. Во Северна Македонија токму студентската средина, средина на млади луѓе во услови надвор од ЕУ, може да биде замаец на социјални немири и бунтови кои тешко може да се контролираат и со тие протести на младите ќе се солидаризираат постарите генерации. Тоа може да претставува сериозна закана за економската безбедност и социјални немири во земјата. Само преку системски заеднички пристап кон високото образование може оваа тенденција да биде попречена. Главна задача на образованието е подготвување на луѓето за улогата на граѓанин во демократијата, почнувајќи од способноста да се донесуваат информирани и разумни одлуки за работите поврзани со јавната политика.

Токму на начинот на финансирање се прекршува и третманот на високото oбразование и науката какo трошок или какo најисплатлива инвестиција за општеството. Наспроти вербалните прокламации за „општество засновано врз знаења“ какo базичен ресурс и двигател на oпштествениoт развoј, високото се набљудува какo трошoк и е пoстoјанo пoдлoженo на буџетски и други рестрикции oд административен карактер, какo што е, на пример, сериозниот недостаток на наставно-научниот кадар вo јавните институции што ја доведува во прашање нејзината иднина и опстанок.

Општеството се одржува благодарение на образованието. „Без личности кои творат и создаваат, кои самостојно мислат, неможе да се замисли повисок развој на општеството како  развојот на личноста„ (Ајнштајн). Треба да сфатиме дека концептот на демократија и безбедна држава неизбежно се темели и повикува на образованието. Потребни се образовни политики кои ќе изградат култ од образованието како најважен државен, национален и безбедносен ресурс, наместо негова маргинализација и потценување.

Марјан Ѓуровски

извор: ДВ

(Авторот е универзитетски професор)

Back to top button
Close