„Неочекувано“ од Ана Мовска е роман со длабока хуманистичка порака за здружувањето заради постигнување повисока цел
„Неочекувано” од Ана Мовска е роман со длабока хуманистичка порака за здружувањето заради постигнување повисока цел
„Кога настанал зборот неочекувано? Апстрактните поими сигурно датираат од поскоро време. Англискиот збор ‘неочекувано’ настанал во 1580 година. Значи, претходно дури и не можеле да ја искажат изненаденоста од неочекуваните нешта. Само се случувале и само ги прифаќале. И до 16 век, никој не смислил збор како да им го објасни тоа на другите. Неочекуваноста претставува мало чудо, од оние необичните настани што ги опишал Литлвуд. Неочекуваноста е моментот во кој сите се раздвижуваме, го поставуваме прашањето за целта на животот и потребата да се промениме.”
„Неочекувано” е насловот на дебитантскиот роман на авторката Ана Мовска, кој беше промовиран вчеравечер (12 февруари) во „Литература.мк” во „Сити мол”, во рамките на „Денови на литературата”.
Книгата, која е во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, ја претставија универзитетската професорка, книжевна истражувачка и критичарка Ивана Трајаноска, уредничката Бисера Бендевска и авторката Билјана Герасимовска.
„Неочекувано” е роман без главни ликови, освен сино-зелените алги што се прапочеток и длабока иднина на овој свет и на другите светови. Најважниот спореден лик е неочекуваноста. А, од зад кулисите се открива надежта, хероината без која не ќе беше можна оваа книга.
– Во романот е непретенциозно вплетен научен дискурс за двојната природа на сино-зелените алги кои ги има и на Марс, но и во Дојранското Езеро. Во различни хемиски процеси имаат различно дејство. Можат да бидат лековити, но и смртоносни. А, пак, таму каде што ги има, има основа да се развие живот… Оваа кратка проза зборува и за заедништвото и за здружувањето заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид – истакна Бендевска.
„Неочекувано” влезе во најтесниот избор за наградата за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз” во 2023 година (во организација на издавачката куќа „Арс Ламина” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски”). Романот е објавен во рамките на едицијата „Пегаз”.
Трајаноска, која беше дел од жирито на конкурсот за наградата „Пегаз” во 2023 година, нагласи дека „Неочекувано” се издвојувал од пристигнатите ракописи за наградата, но и воопшто се издвојува со современоста – како во пристапот кон темите кои ги опфаќа, така и во стилот.
– „Неочекувано” е истовремено едноставен, но многу богат роман. Леснотијата и едноставноста со кои се опфатени множеството теми се многу умешно изведени. Најнапред, би рекла дека ова е еден минималистички Künstlerroman, или роман за станувањето писател. Напишан е во прво лице еднина, преку гласот на раскажувачката – геолог која копнеела да стане писателка, и всушност сплет на околности, или не, неочекувано или не, ја поттикнуваат да го напише својот прв роман – оној кој го читаме. Во оваа рамка е сместен цел еден мозаик, едно мноштво аспекти и теми, кои вешто се испреплетуваат. Едноставноста е во стилот и начинот на раскажување, но овој роман е цел еден килим исткаен од теми и поттеми, како: поривот да се пишува; соништата од детството наспроти средовечноста и одбраната професија; науката наспроти уметноста; фактите наспроти фикцијата; носталгијата; важноста и неизбежноста на промените наспроти статичноста; важноста на знаењето, на историското; неминовноста и прифаќањето на неочекуваното; поврзаноста на нештата меѓу себе, поврзаноста на минатото, сегашноста и иднината; жените во уметноста и многу други теми, на природен и лесен начин. Она што мене особено ми се допаѓа е испреплетеноста и поврзувањето: Дојран низ времето, Дојран и неговите сино-зелени алги, како и испреплетеноста на темите, но и на ликовите – рече промоторката Трајаноска.
Ана Мовска е псевдоним на Билјана Герасимовска (Скопје, 1969). По професија е лекар, нефролог, редовна професорка на Медицинскиот факултет. Поезија пишува од рана возраст, а романот „Неочекувано” е нејзин прв роман. Има преведено повеќе од десет книги од англиски на македонски јазик, од стручни и други области. Верува во науката, надежта и здружувањето на луѓето за иста цел, дури и во делови од светот кои сè уште се во развој. На прашањето зошто одлучила да учествува на конкурсот на „Пегаз” со псевдоним и кое е значењето зад името Ана Мовска, таа изјави:
– Пишувањето отсекогаш било дел од мене, но одамна не бев напишала ваков тип на текст… Моето име (Билјана Герасимовска) е поврзано со мојата професија, и очекувањата се дека еден доктор треба да пишува научни трудови. Па сметав дека треба да го одвојам романот од мојата докторска професија. Затоа решив да го пратам текстот под псевдонимот Ана Мовска, кој всушност е кратенка од моето вистинско име и презиме. Се почувствував поудобно да пишувам ваков тип литература под псевдоним, неоптоварена од очекувањата на другите, и мислам дека ќе продолжам да објавувам ваков тип на книги под псевдоним. За книгата имав различни инспирации, кои се обидов да ги вткаам во содржината на „Неочекувано”. Идејата за романот се роди пред многу години, кога работев на еден научен труд за азотниот моноксид. Тој има двојна природа: во одредени ситуации е позитивен, а во други негативен. Тоа ми беше импресивно. Години подоцна, кога го почнав ракописот, мислев дека ќе напишам роман за азотниот моноксид, но тоа се промени со текот на времето… на крај, напишав роман за двојната природа на сино-зелените алги застапени во Дојран – место каде што доаѓаат медитеранска клима, со богата флора и фауна, кои можеби не е доволно добро истражени. Сино-зелените алги се лековити, но кога ќе прецветаат, се губи нивниот благодат. Како и многу други работи, и тие имаат едно двојство што различно дејствува… Уште пред да го напишам романот, знаев дека ќе биде поинаков, дека можеби нема да влегува во стандардите на еден класичен роман – знаев дека ќе биде еден книжевен експеримент. Иако има многу факти и научни податоци, се трудев јазикот и содржината да не бидат премногу научни, за да може делото да биде читливо… Поентата ми беше дека и во најоддалечените делови и градови, како Дојран, може да се практикува наука… Оваа книга е за алгите, за Дојран и за неочекуваните нешта во животот. „Неочекувано” е роман со длабока хуманистичка порака за здружувањето заради постигнување повисока цел – рече Герасимовска.
Програмата со настани на „Денови на литературата” ќе продолжи и денеска (13 февруари, четврток), и во соработка со „Џез ФМ” ќе биде одбележан светскиот ден на радиото, со концерт на „Скопје џез инк” во „Литература.мк” во „Дајмонд мол”, во 21 часот. Концертот ќе се пренесува во живо на добро познатата фреквенција на „Џез ФМ” – 100.8 ФМ. В петок (14 февруари) ќе биде одбележан Денот на вљубените, со целодневниот настан „Состанок на слепо со книга”. Имено, „сингл” посетителите на „Кафе Литература” во „Дајмонд мол”, „Скопје сити мол” и „Ист гејт мол” ќе добијат подарок книга.
За време на викендот, на програмата повторно се настани за младите читатели. В сабота (15 февруари) во 12 часот во „Литература.мк” во „Ист гејт” ќе се одржи настан за сите фанови на најпопуларниот волшебник Хари Потер. На настанот обожавателите можат да дојдат маскирани во омилените ликови од овој волшебен серијал, а ќе има квиз на знаење и работилница за најмладите. Истиот ден, во 12 часот, во „Литература.мк” во „Сити мол”, ќе се одржи дружба со Стела и Сани.
В недела (16 февруари), најмладите повторно ќе се дружат со Биби и Боби, овој пат точно напладне, во книжарницата во „Дајмонд мол”.
Во рамките на петтото издание на „Денови на литературата”, што се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк” се понудени попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови.