Неортодоксна (2020) или за ослободувањето од товарот на традициите

Секогаш сум сакала силни женски ликови, и тоа секаде – во книга, филм, серија. Кога фикцијата не успева да исконструира таков лик, постои можност да се земе инспирација од стварноста. Токму тоа е случајот со мини серијата Неортодоксна (Unortodox, 2020) режирана од Марија Шрадер, која се заснова на истоимената книга во која писателката Дебора Фелдман раскажува за напуштањето на религиската заедница во која има пораснато.
Приказната за хасидска Еврејка од Бруклин која успева да излезе од рамките на договорен брак и заминува во Берлин, звучи фасцинантно и само како концепт, а уште повеќе кога се заснова на вистински настани. Неортодоксна директно нè впушта во пресвртниот миг од животот на деветнаесетгодишната Естер која е хасидска Еврејка. Неопходниот контекст за серијата функционира и како вовед за хасидските еврејски заедници: затворени религиски групи со строги правила кои го уредуваат секој аспект на нивните животи. Правилата потекнуваат од деталното толкување на светите книги и од историските факти, како прогоните на Евреите и холокаустот кои се сметаат за Божја казна. Основачите на ваквите заедници живееле во Европа, а по холокаустот и доаѓањето во САД настојуваат да го уредат и продолжат својот живот токму онака како што тој изгледал во родното место. Носталгијата се меша со траумата и доведува до една крајно конзервативна средина, нетипична за Бруклин, Њујорк.

На почетокот на серијата не знаев ништо за хасидските Евреи. Нивниот начин на живот ми изгледаше чудно, како што е често со нешто ново и (по)различно. Сакав да ја уважам нивната автентична култура и за момент заборавив на неопходниот критички став кога се разгледува една културна средина – како својата, така и сите останати. Сепак, поради брзото напредување на дејството и навраќањата кон минатото, уште во првата епизода сфатив дека станува збор за еден спој на верска практика и традиција со тенденција за доминација врз жените. Некои традиции се оправдувани затоа што „отсекогаш било така“, иако токму тоа е причината поради која треба да бидат преиспитани.

Брилијантната Шира Хас во улогата на Eстер „Ести“ Шапиро, се трансформира неколкупати во само четири епизоди, доловувајќи ги подеднакво добро двоумењата и стравот, храброста и бунтот. Ја запознаваме Ести кога таа веќе има одлучено да го напушти сопругот Јенки што подразбира да се откаже од целата заедница и сите блиски. Она што ја прелева чашата и станува повод за нејзината нагла промена од ултраортодоксна во неортодоксна, е преголемиот притисок да стане мајка. Сведување на жената на нејзината репродуктивна функција за жал не е ништо ново, но тука постои едно извртување: Еврејките треба да родат што е можно повеќе деца за да се „надоместат“ милионите жртви на геноцидот. Растејќи, Естер и самата го има интернализирано овој став, а околината го подзасилува со реченици од типот: „Бракот ќе го означи почетокот на твојот нов живот“. Браковите кои се договараат додека момчето и девојката сè уште се тинејџери овозможуваат непречено функционирање на религиската заедница. Таквата поставеност на нештата го отежнува бегството, бидејќи судира две општочовечки потреби: за слобода и за припадност.
Во Неортодоксна е прикажан и стремежот кон скромност кој е неразделен од животот на хасидските Еврејки. Па така, прифатлива облека е онаа која покажува малку кожа и не ги следи линиите на телото. Мажените жени треба да ја покриваат косата со перика или марама, а многу од нив, како и Естер во серијата, се одлучуваат за сосем кратка коса. Во таа смисла, отфрлањето на периката и новата облека која Ести ја купува во Берлин може да се смета за симболична иницијација во „вистинскиот свет“. Освен преку облеката, контролата врз женското тело се воспоставува и на други рамништа. Пред бракот Ести се среќава со инструкторка која ги учи девојките „како да бидат добри сопруги“ кажувајќи им дека поентата на бракот е да се создаде семејство, а свекрвата ја учи дека нејзиниот нов сопруг треба да се чувствува како крал во бракот и за време на сексот. Додека ова апсурдно подучување поминува кај Ести, она што таа не може да го поднесе е мешањето на целото семејство на нејзиниот сопруг во нивната интима. Брачниот живот со Јенки се отежнува и поради тоа што Ести има вагинизам, односно грчење на мускулите околу вагината што го прави сексот болен. Неколку последователни сцени ја доловуваат сексистичката пракса вината секогаш да се бара кај жената: Ести е неправедно третирана како нешто да не е во ред со неа и нејзиното тело – во крајна линија, како да е дефектна.
Може да се каже дека „неортодоксноста“ на Ести започнува во Бруклин со посетувањето на часови по пијано. Ова е исклучок од правилата. За една хасидска Еврејка занимавањето со музика е недозволено: како што кажува Ести, жените не смеат да пејат во јавност за да не бидат перципирани како нескромни или заводливи. Во Берлин, Естeр успева да ѕирне во секојдневјето на свои врсници кои се музичари и открива свет спротивен на оној од кој доаѓа. Таа почнува да се ослободува од хасидските корени за првпат вистински да се насочи кон музиката, нејзината долгогодишна страст која била потисната.
Единствената замерка за тимот кој стои позади серијата е поврзана со контрастното претставување на ликовите. Ликовите на хасидските Евреи се нечувствителни, подмолни и едноставно недопадливи. Наспроти нив, музичарите кои Ести ги запознава во Берлин се некако претерано опуштени и слободоумни, па таа е инстантно прифатена во нивното друштво што сепак делува нереално. Со ваквото претставување на двете општества на црно-бел начин се засилува ефектот и се постигнува драматичност, но за сметка на тоа некои од сцените во Берлин губат на својата уверливост и нè тераат да помислиме: „Ова може да се случи само во филм или серија“.

Mислам дека е веќе јасно зошто Естер се вклопува во мојата низа силни ликови: силата е во нејзината волја да скршне од патеката која е предопределена за неа. Прашањата кои Неортодоксна ги отвора се многу важни. Сите тие не успеваат да бидат одговорени (особено затоа што серијата има само четири епизоди), но доволно е што се поставени – како да изникнуваат од самите реплики на ликовите. Можеби најважен е одговорот до кој доаѓа Естер, односно дека е можно да се оствари на безброј други начини, а не само како сопруга и мајка. Овој заклучок (спротивен на сè што претходно ја учеле) е нејзината индивидуална победа. Серијата нè остава да ги насетуваме идните предизвици на Естер и да навиваме за неа.

Радица Стојановска

Извор: Медуза

 

Back to top button
Close