Неостварените филмски проекти на Андреј Тарковски

Мојот восхит за филмското творештво на Андреј Тарковски потекнува од мигот кога го гледав „Андреј Рубљов” 1972-та, како студентка по филозофија во Скопје. Горан Стефановски го гледаше на „Фест“ во Белград, а кога кусо потоа филмот се прикажуваше во Скопје, ме викна да го гледаме заедно. Уште паметам колку долго траеше нашата немост откако излеговме од киното, не знаејќи каде се наоѓаме, во тишината на празните скопски улици или во некој меѓусвет, во кој за миг не катапултираше Тарковски. Три години по неговата смрт 1986-тата, на германски беа објавени неговите дневници, во кои се опфатени приватни белешки од 1970-тата па се‘ до кусо пред смртта.

Големата желба  филм за Достоевски

Ме трогна насловот на дневниците кој самиот го избрал – „Мартиролог“. Уште повеќе, што самиот го избрал кога почнал со дневниците. „Андреј Тарковски, Мартиролог, 30 април 1970”, стои во ракопис на првата страница. На 20 септември, во белешките за лектирата на „Играта со стаклените бисери“, Тарковски го бележи своето значење на поимот „Мартиролог“: „список на судбоносни искуства и настани”. Јасно, тој се подготвува да го бележи своето творечко мачеништво. Белешките се сведоштва на голем режисер и филозоф, поет и писател, кој во осама бележи се‘ што се случува околу него, сите судбоносни и болни искуства во борбата за творечка слобода во советскиот авторитарен режим, но и сето тоа што се одигрува невидливо за другите во него самиот. Тој ги бележи впечатоците од книгите што ги чита и од музиката што ја слуша. Тоа е најчесто Бах.

Уште поинтересно е што уште на првиот ден од записот, во првата реченица, Тарковски сведочи за неговата голема желба да сними филм за Достоевски. Филм за самиот Достоевски, „Нема многу смисла да се екранизира Достоевски. Мора да се сними филм за самиот Фјодор Михајлович… И тоа за неговиот карактер, за неговиот Бог, за неговите демони, за неговото творештво. Толја Солоницин би бил чудесен во улогата на Достоевски“, пишува тој. Патем, Анатолиј Солоницин го играше и иконописецот Андреј Рубљов, но глумеше и во „Соларис”, „Огледало“ и „Сталкер“.

Der sowjetische Regisseur Andrei Tarkowski.Режисерот Андреј Тарковски

Колку беше длабока врската на Тарковски со овој актер говори и фактот што Солоницин, доколку не починеше 1982-тата, требаше да го игра главниот лик и во „Носталгија”, филмот кој Тарковски го сними во Италија, а во главниот лик проицираше многу од своето лично искуство од животот во егзил. Желбата на Тарковски да сними филм за животот на Достоевски открива колку тој се препознава себеси во страдањето на Достоевски во Русија, но и во раскинатоста меѓу Русија и Западот, во неговиот копнеж по европската култура, но и во неговата носталгија по Русија додека талкал низ западна Европа. Неколку години подоцна Тарковски ја запознава истата носталгија во својот егзил во Италија. „Достоевски би можел да стане симболот на сето тоа што сакам да го остварам во филмот”, пишува Тарковски, наведувајќи што се‘, освен делата на Достоевски, би морал да прочита како подготовка за сценариото за филмот.Пред се‘, делата на руските религиозни филозофи Соловјов, Бердјаев и Леонтјев.

Филмски планови

Секако, во своите дневнички белешки Тарковски открива многу свои филмски планови. На пример, сакал да го екранизира романот „Чума” од Албер Ками, но и „Маестро и Маргарита” на Булгаков. Но само Томас Ман е пандан на неговата фасцинација со Достоевски. Постојано се навраќа на желбата да сними филм за трологијата „Јосиф и неговите браќа” од Томас Ман, за кој некое време работи на сценарио. Подоцна го чита и „Доктор Фаустус“ и добива желба да го снима токму по него, затоа што во овој роман Томас Ман толку јасно ја изразува личната криза на уметникот, но и борбата на доброто и злото. Се колеба само кај атоналната музика, затоа што мистичноста на Тарковски повеќе кореспондира со Бах. За филм по „Јосиф и неговите браќа” разговара со италијански продуценти затоа што сака да го сними во Италија. Дознава дека и Лукино Висконти планирал да сними филм по „Јосиф и неговите браќа“, но потоа се откажал. За „Доктор Фаустус” се обидува да најде продуцент во Германија и донекаде му успева, но, сепак, нема да го реализира тој проект.

Секако, пречката во реализацијата на филмските планови на Тарковски се секогаш тие „горе“ – советската комунистичка партија. Се чини дека идејата да сними филм за Достоевски, барем додека е уште во Русија, не го напушта наспроти сите пречки од државните органи. На 18 февруари 1971-та запишува: „ По секоја цена морам да почнам да собирам материјал. Да го соберам сиот достапен материјал за Ф.М.Достоевски. „Голгота“ би бил добар наслов за него. Веројатно сам ќе го напишам сценариото за филмот.” Еден месец подоцна запишува со иста ревност: „Морам веднаш да почнам да собирам материјал за Достоевски”. Во идните месеци следат неброени белешки за книгите што ги прочитал за Достоевски, кои сведочат колку темелно и долготрајно се подготвувал за нов филм. Притоа постојано доаѓа до израз неговиот очај затоа што советските власти не му дозволуваат да го работи тоа што сака. „Каков примитивен, бесрамен режим! Не му треба ли нему литература, поезија, сликарство, музика, филм? Сакам само да работам, ништо друго! Да работам! Нели е гротескно да седи без работа режисерот кого италијанскиот печат го смета за генијален?” Во еден миг помислува дека е добро да понуди да направи и телевизиска серија од „Идиот” на Достоевски во седум продолженија. Дури му успева да потпише и договор за серијата. Иако на едно место пишува дека само што пак го прочитал „Идиот“ и сфатил дека се‘ помалку го интересира, а дури и му бил и здодевен. Затоа уште посилно се задлабочува во описите на личните кризи на Достоевски. Покрај долги цитати од сведоштва на современици на Достоевски за неговата личност, Тарковски го бележи во дневниците и текстот од своето писмо до главниот уредник на „Мосфилм”, во кое му нуди да сними филм од два дела за личноста на Достоевски. Тој филм би требало да биде повеќе поетска анализа отколку филмска биографија.Планот останува неостварен.Останува да си замислуваме колку фасцинантен ќе беше филмот на Тарковски по „Доктор Фаустус“ на Томас Ман, но, пред се‘, неговиот поетски филм за животот на Достоевски. Гледајќи го неговото творештво од оваа перспектива, тоа е навистина маченичко. Но и тие неколку филма кои Тарковски успеа да ги сними наспроти пречките на комунистичките цензори, се доволни тој да се вреди меѓу творците на „небески дела”, како што тој самиот ги нарекува делата на Херман Хесе или на Томас Ман.

Kица Колбе

Back to top button
Close