Неподнослива леснотија на игноранцијата
Ако ја занемариме идеолошката пристраснот која можеби ја гаиме кон глобалниот гигант во E-Commerce Амазон, секој што ги користел услугите за корисници на споменатата платформа мора да признае дека се скоро беспрекорни. Со едно кликање добивате повик за помалку од минута (понекогаш за само неколку секунди). Сервисот работи 24/7, на сите јазици кои се достапни на платформата. Стотици илјади вработени ширум светот само во одделот за кориснички услуги, само во една компанија, додуша поголема од сите останати на куп. Во моментот кога Амазон ќе го инсталира и пушти во употреба својот говорен бот, целата армија вработена само во овој оддел, ќе ја загуби работата преку ноќ.
Од друга страна чат ботовите се веќе реалност со години. Пред една година, резервирајќи хотел, „се заиграв“ со чат ботот на една од платформите. Одговара веднаш, во детали на секое прашање, 24/7. Слично на познатите чат модели како chat gpt, gemini, copilot… само дополнително трениран со знаење за детали за секоја соба и услуги во секој хотел на платформата, како и околината околу хотелот, пристапот до ресторани, знаменитости итн. Способен да комуницира со илјадници корисници истовремено. Фантастично!
Веќе неколку години, првите луѓе од браншата наречена „Вештечка интелигенција“ (ВИ), ни кажуваат дека во блиска иднина, десетина години, ВИ ќе замени до 90% од работата што денес ја работат луѓето и тоа неколкукратно „брже, боље, јаче“. Всушност, перспективите за општа благосостојба за сите земјани се скоро неограничени. Не само решавање на сите заеднички проблеми, од клима па до исхрана, искоренување на сите болести, па дури и продолжување на животниот век на човекот за десетици години…
И така, додека се занимаваме со потезите на лудакот од Белата куќа и неговиот побратим од Кремљ, следиме дебати за геополитика од пред еден век, овој процес неуморно тече со геометриска прогресија. Дебатата над сите дебати скоро и да не се води. Тек гигантите ги развиваат своите модели, а целата јавност стихијно го следи процесот, како тој да се одвива на Марс или како да е научно-фантастична фикција, а не реалност која е на прагот и која ќе не засегне сите.
Можни се две сценарија: утописко и дистописко. Според првото, би влегле во потполно нова ера, која ја предвидел и Карл Маркс, која парафразирано звучи вака: со роботизацијата и автоматизацијата на процесот на производство, човештвото ќе влезе во бескласно општество, или во превод, земја дембелија во која луѓето ќе уживаат во своето слободно време кое креативно ќе го користат, притоа, ќе им бидат задоволени сите потреби. Звучи навистина утописки, но ВИ и квантните компјутери реално нудат ваква иднина. Сепак, дури и овој, исклучително позитивен, но можен исход, отвара многу прашања чии одговори чинат милион долари, затоа што одговорите носат тектонски потреси во сите области на нашето живеење: економија, социјологија, психологија… комплетна промена на и така застарениот и нерелевантен за епохата во која живееме образовен систем. Не можам ни да замислам колку е огромна темата.
Второто, исто така можно сценарио, следејќи ја логиката на постоечкиот доминантен либерално-демократски ситем, чии столбови се индивидуалност („Тhere is no such thing as society“ – М.Т.) и компетиција преку која општеството напредува, односно задоволувајќи лични интереси, работиме истовремено на заедничките цели, не носи во хорор дистопија која Холивуд ја предвиде децении наназад (Терминатор). Склон сум да мислам дека човештвото ќе ја избегне
2 / 2
оваа опција иако реалноста на моментумот го сугерира спротивното. Затоа, да се вратиме на првата.
Ако навистина ни остануваат само десетина години до драматични и коренити промени на системот, досега, барем во научните кругови, требаше да бидат развиени детални теоретски модели за тоа како ќе се одвива трансформацијата. Бидејќи, не е доволно само да се замисли крајниот исход на утопијата, туку и чекорите до неа, ако се сака да не се остават цели слоеви од населението на ветрометината на стихијата. Да, се зборува за т.н. универзален приход. Еден од чекорите кон тоа би било постепено кратење на работната недела (Бил Гејтс спомна дека веќе оваа година сме спремни за дводневна работна недела). Но, тоа се сепак само груби нафрлања, без одговор како до тоа (слично на мојот утописки „влажен“ сон за федерална Европа, како преодна фаза и модел за некаков обединет Свет). Логиката на доминантниот либерално-демократски систем, заснован на компетиција, е спротивна на тоа. Ако по истата логика го персонализираме меѓународниот поредок, заснован на суверени држави, кои во глоблниот ринг се натрпреваруваат секоја водена од индивидуални интереси (America first, но, ако сме чесни кон себе, треба да признаеме дека сите се однесуваат така), дистопискиот колапс е неизбежен.
Понатаму, ако 90% од работните места исчезнат, што ќе правиме кога ќе изчезнат првите 5%, па првите 10% итн. Пред неколку дена Грција беше во генерален штрајк, во Германија повремено штрајкуваат цели бранши…засега незадоволството се крпи со привремени парцијални решенија, кои во многу блиска иднина ќе бидат депласирани, затоа што ќе снема материјал за крпење. На сите, освен на радикалните центристи им е јасно дека овој поредок не може повеќе да се репродуцира во дигиталната ера.
Многу прашања, кои, запрепастувачки, скоро никој релевантен не ги поставува. Можеби одговорот ќе ни го даде ВИ во блиска иднина. А можеби ќе заклучи дека вакви какви што сме, претставуваме само терет кој планетата повеќе не може да го издржи.
Кирил Арсов