Неподнослива леснотија на војување: безмилосно убивање-око за око, заб за заб!?

Ден, голем ден. Најголем. Ден, Велигден. Го славиме Христовото жртвение за спас на сите нас. И воскресение, за победа на животот над смртта.

За жал не сите и не секаде. Ако на Велигден не го најдовме помирението и спасението, тогаш, за нас спас нема. Во Украина нема велигденски прекин на страданијата, ништо не е свето, христијанско. Во спомен на Христа, се убиваат брата со брат. Некогаш војните подзапираа заради спортски игри, денеска на комшијата му го вадиме окото, а ако е уште и брат-двете! Тоа се гледа од далеку – дупките се длабоки!

Украинскиот град Краматорск во Донетската област, ние обичните смртници го изговараме како Крематорск! Или така ни е полесно, или, на тоа не наведува нечестивиот – црниот гавол, кој, знаете, ниту ора ниту копа! Велат, и не спие во пештерите, туку во манаститирите и владините одаи.

Шегата настарана (ако е само шега !?), мегутоа, ако сите наскоро не се освестиме каде итаме, сите заедно, целата земјина планета, ќе биде еден голем КРЕМАТОРСК, башка што, како што обвинуваат Украинците, низ нивната земја, веќе, се шетаат мобилни (преносни) крематрориуми.

Стрмоглаво итаме кон точката од која нема враќање!

Украина е испит на човековата зрелост, Украина е тест за оваа цивилизација. Украина е само бојното поле, таа е само врв на ледениот брег, таму се страдалниците, а сите ние сме учесници и соучесници. Сите ние имаме завземено некаква страна.

Мирот во Украина е АПСОЛУТЕН  ПРИОРИТЕТ.

Или крај на жртвите и уништувањата, или крај за сите. На прагот сме од нова и крајна глобална војна.

Светот е влезен во една самоуништувачка пеколна спирала. Колку подолго трае војната, толку ќе биде потрагична – за сите, па и за Русите и Русија. Русија не е само Путин и врхушката околу него. Колку и да звучи неправично: колку повеќе отпор од украинска страна, толку повеќе жртви, пред се, на украинска страна, во случајов, на страната ЖРТВА.

Ниту Украина е земја која може така лесно да се пороби, ниту Русија е земја која, туку така, ќе ги заборави огромните жртви.

Нема сомнение дека Русија е агресор, без разлика на сите причини кои ги наведува каком повод. Стојат сите обвинувања кон багабонтите од полкот Азов. Сепак, нападот и окупацијата врз Украина, земја членка на ОН призната и од Русија, е криминален чин. Личната одлука на Путин е историски погрешна, стратешки промашена: само ја турна Европа во прегратката на САД, ја направи потчинета, зависна, немоќна. Во време – невреме за Европа, која, по заминувањето на Меркел, остана светско сираче, без лидерство со сосема случајни фигури.

Европа, па и светот, од Реган и Горбачов наваму, немаат лидерство достојно на моментот. Кризата на лидерство, истовремено, е криза на новиот светски поредок во зародиш. Европа мора да свати дека ќе биде обединета и безбедна само ако е Европа од Лисабон до Урал (генерал Де Гол). Без Русија, или барем – територијално, без европскиор дел на Русија, нека не биде тоа до Владивосток, нема Европа. Европа тоа мора да му го каже и на дедо Бајден. Да му повтори што говореа Де Гол и Черчил.

Черчил, крајната цел е дефинираше како воведување на авторитативна и сеопшта влада на глобално ниво: ”Немаме илузии дека Обединета Европа ќе претставува конечно и потполно решение на сите мегународни проблеми.Но ние сме задоволни од почетокот: без Обединета Европа, никогаш нема да се стигне до глобална влада.Не можеме да ја знаеме иднината, но минатото треба да ни даде надеж. Преку возвишена иронија ќе стигнеме до фаза на приказната каде што безбедноста ќе биде цврстото дете на стравот, а опстанокот брат близнак на уништувањето.

Да се казни Русија до последниот Украинец!?

Во овој момент, третина од Американците одобруваат директно вмешување на САД во конфликтот, и по цена на терминална војна. Така, вројатно, мисли и политичкото водство, така мислат дел од глобалните медиуми, воено-индустрискиоиит комплекс, нафтените компании. Со отворени очи-во катастрофа! За среќа, така не мислат генералите од Пентагон, кои знаат дека оној кој ќе упати атомски удар, од истиот ќе биде уништен.

Ноам Чомски потсетува на Виенската спогодба од 1814 година, која и даде стогодишен релативен мир на Европа. Успехот беше во тоа што таму се најде место за сите, па и за Франција на Наполеон. Век подоцна, изолирањето на Германија, го роди Хитлер. Бистриот ум на Чомски, предупредува дека денешнава состојба е поопасна од Кубанската криза, само што го нема украинецот Хрушчов,  да тропне со чевелот на масата!

Функционален мозок не може да размислува на начин, така што Русија треба да биде казнета до последниот Украинец (!) предупредува Чомски. Украина нема да ја спасат руските мачки (забрането учество на светски изложби!) и забраните на композициите на Чајковски,односно читањето на “Идиот” од Достоевски за грофот Мишкин и останатиот идиотизам!За Чомски тоа е хистерична фантазија, опасна хистерија во главите на европските и светските лидери.

-“Оние што денеска повторуваат дека Путин е луд и непресметлив, треба да знаат дека, во оној момент кога ќе го доведат до зид и во очај, тој и ќе го употреби она со што се заканува. Мудроста на државниците е да се внесе Путин во некој вид договорна комуникација, она што го бараа Горбачов и Кисинџер, советува Чомски. Тоа е сушта спротивност на денешната американска,па и кинеска политика”.

Лавров вели дека “ЗАСЕГА!” не се размислува за употреба на атомско оружје.

Западниот Балкан – колатерална штета на европскиот кризен менаџмент

Отуството на европско лидерство, се прелеа како колатерална штета на  Западен Балкан. Европските челници и бриселската бирократија многу брзо и така лесно заборавија на крвопролевањата по распадот на Југославија. Босна е еклатантен пример и сериозна опомена. Три децении подоцна таа земја и натаму е нефункционална. Додик, Човиќ и Изетбеговиќ, од Дејтонска БиХ ќе направат филџан држава, на крилјата на криминалот и корупцијата, спонзорирани од европските донации.Борељ отворено зборува за нова војна во БиХ.

Благодарение на лидерството на Глигоров, Македонија го избегна крвопролевањето, но остана заглавена во чекалната на ЕУ. Нам не ни треба ЕУ за чалам, туку токму да ја сузбиеме корупцијата, ама не ни дава најкорупираната во Европа-Бугарија!Тоа се тие европски парадокси.

Србија се тетерави помегу истокот и западот, Вучиќ не знае каде му е главата, а каде опашката, додека Курти во Приштина се јуначи врз албанската понизност кон Америте, додека, истовремено, земјата му се празни. Кој ќе живее утре во “независно и од Србија признато Косово”? Демократијата од Ганди и кампањата против британската управа, преку движењето “Солидарност” во Полска, до движењето против апархејдот во Јужна Африка, секогаш е резултат на локално будење.

Parcere subjektis, et debellare superbos: Од победникот побарајте да го поштеди покорениот, конфронтирајте се со гордиот (Черчил)

Помина времето на светската доминација на САД. Тоа е, и натаму најмоќната сила на светот, но, од другата страна стои една (Русија) па уште една сила (Кина) со бескрајни разорни капацитети. Тоа, некогаш, го нарекуваве “рамнотежа на стравот”, или, како што објаснуваше Черчил: “безбедноста ќе биде цврстото дете на стравот, а опстанокот брат близнак на уништувањето”.

Стотина германски интелектуалци и политичари, испратија петиција до Шолц, барајќи прекин во доставата на оружје. Германија не може без Русија, прашање на време беше кога тоа ќе му се каже на Вашингтон, кој стравува како гавол од темјан од руско-германското технолошко поврзување.

Генералниот секретар на ООН Гутереш патува за Москва и Киев, со надеж, дека Путин ќе го одврати од намерата  за “спалена земја “, а Зеленски од навиката да бара се повеќе и повеќе оружје, се додека не биде истребен и последниот Украинец! Американците, после Авганистан, нема повеќе да гинат на туга територија, но ќе сторат се, во својата хушкашка политика (од која не е имуна и Европа) – други да гинат за нив. Испраќаат оружје (и по некој советник) – колку треба и не треба.

Оружјето не е решение, дипломатијата и дијалогот се решение. Решението не е во топовските удари и боевите глави, туку во паметните глави. Германските интелектуалци бараат неутрален воен статус на Украина, одложено решение за Крим, референдум за идниот статус на Домбас со мегународен надзор.

Истото го предлага и врвниот светски интелектуалец, самиот по корен Украинец, Ноам Чомски: “неутралност без воено сојузување, некој облик автономија на Домбас, референдум, некој вид федерална организација (Швајцарија, Белгија)”.

САД – конгломерат на спротивставени импулси со мешовит биланс

На столбот на срамот е Путин. Мегутоа, светот знаеше дека Украина и грузија се црвената линија, во однос на НАТО, уште од Горбачов и Елцин. Тоа го знаеше у Буш, постариот, со политиката “Партнерство за мир”, но таа политика падна под раскопчаниот шлиц на Бил Клинтон, со приемот на Вишеградската група во НАТО.

Тој заборави на американските стратешки интереси кон Русија, дефинирани од Кисинџер и Бжежински, ја промени рамнотежата на светот, го роди Путин, ја преобрати наедеворешната политика на Кина – во “Појас и пат”, од Азија, до Европа, Африка, се до Латинска Америка.

“Американската политика секогаш била конголомерат од спротивставени импулси, а билансот мешовит. Некогаш им служела на американските национални интереси и идеали, подеднакво со интересите на другите земји, некогаш била лошо водена врз погрешни претпоставкли, игнорирајќи ги легитимните интереси на другите земји, со што е поткопувам американскиот кредибилитет”.

Можеби, малку ќе ве подзачуди до неверување, но, мислата е позајмена од поранешниот претседател на САД, од партискиот камп на Џо Бајден, Барак Обама, од неговата книга “The audacity of hope thoughts on recklaming the amercan dream” објавена кај нас од Феникс, 2009,  како “Смелоста и надежта”.

Тоа што Обама го кажува на еден осмислен начин, во светот, разголено, се дефинира како САД – “диктаторка на светот”.

Спротивставените импулси, како што вели Обама, најдобро можат да се илустрираат низ поимањата на славниоте личности, Џорџ Вашингтон, односно Франклин Делано Рузвелт. Првиот, нешто како флоскулата на Трамп (“America first”), пишува: “Зошто би ја испреплетувале нашата судбина со кој било дел од Европа и со тоа би си го нарушувале нашиот мир и просперитет, за некакви европски амбиции, интереси и каприци….”.

Од друга страна, Френклин Рузвелт декларира: “САД не можат да бираат дали ќе играат голема улога во светот, или не. Тие мораат да играат голема улога. Единствено за што можат да одлучуваат, е,  дали таа голема улога ќе ја играат добро или лошо”. Или, ако сакате, уште подиректно: “Својата безбедност веќе не можеме да ја мериме со милјите на некоја мапа”!

“Како нација можема да бидеме горди поради фактот што имаме меко срце, но не можема да си дозволиме да бидеме со слаб ум” ( Рузвелт). Ако навлеземе малку подлабоко во американската историја, уште Томас Џеферсон почнал со неизбежнопста од ширење и експанзија надвор од првичните, оригинални 13 држави на САД.

САД се голема земја. НР Кина се развива побрзо, индустриски станува светски лидер, сепак, по стандардот и бруто националениот доход (Per capita), САД се водечка земја. Особено во наоружувањето. Нивниот буџет ита кон 1000 (ИЛЈАДА!) милијарди долари, што е повеќе од воените буџети на вкупно 30 напредни земји по воена моќ.

Во таа “мала грмушка” лежи гаволот на сите зла што тресат светот. Воено индустрискиот комплекс, заедно со нафтените гиганти, го вртат светот. А светот е се помал во технолошка смисла, така што свое легло во таа грмушка побараа Русија и Кина. Од “светскиот џандар”, побараа да го делат влијанието, секоја, сразмерно, на својата моќ – економска, или воена.

Големите сили се ракоиводат од реал политијката и трговските интереси, технологијата и трговијата ја намалуваат земјината топка и станува се потешко да се одреди кои интереси се витални, а кои не се. (Крај)

Веле Митаноски

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close