Нeпринципиелни коалиции  

Ова за “непринципиелните коалиции“ е стар термин, уште од социјализмот. Таму некаде во далечната 1988 година за време на 17-та седница на ЦК на СКЈ, тогашниот претседател на претседателството на СФРЈ, др. Стипе Шувар дава одредени забелешки за непринципиелните барања околу разрешувањето на некој член на претседателството. На тоа се надоврзува тогашниот член на претседателството од Македонија, др.Васил Тупурковски и кажува дека се прават непринципиелни коалиции и сојузи за смена на тогашниот член на претседателството кој доаѓал од Р.Србија. Од тој период некако се врзува овој термин со Васил Тупурковски. Јас на ова не се сеќавам, не сум имал доволно години тогаш за да следам политика но ми раскажувале постарите, прашајте ги.

Но да се вратиме во сегашноста.

Еве сме почитувани пред почетокот на уште една предизборна кампања. Сега искрено мислам дека овој термин “непринципиелни коалиции“ е премногу “мек“ и “културен“ за сегашниве политички настани и ситуации. Иако потекнува ете од еднопартискиот систем а сега живееме во демократија, рака на срце мора да признаеме за тогашниот висок степен на демократија и толерантност во политичките дебати, издржаните и остри критики до раководството како и до степенот на изградена политичка култура. Еве веќе триесетина години во плурализмот и некако се навикнавме дека се е можно во политиката, особено овде кај нас, ама буквално се. Ма какви “непринципиелни“, овде друже се прават тотално “луди“ коалиции, абе да не ти се верува, јас ги нарекувам “преседан“ коалиции. Нит се видело нит се чуло! Овде може да се здружи секој со секого, само ако има бар малку политички интерес. Нема правила, нема идеологии, нема леви и десни, нема центар, нема ништо, само гол интерес, па некако и луѓето ги научивме така да опстојуваат, само за гол интерес. Тука во политиката може да бидат заедно и оној што е чесен и оној што е бандит, оној што краде и оној што вика фатете го крадецот, оној што тепа и оној што е истепан, се и сешто, како што вели народот и шуто и рогато,  односно како рогови во вреќа се, изгледаат шашаво ама функционираат нели, што би рекол поранешниот претседател.

Па така почитувани се создаваат многу чудни коалиции. Сега еве пред локалните избори особено ми е “симпатична“ меѓу мноштвото разно разни коалиции и сојузи една “голема коалиција“, јас си ја нарекувам “преседан коалиција“ коалиција помеѓу “тепачите и тепаните“ и многу ќе биде интересно да се види како ќе функционира оваа коалиција, односно кои се заедничките точки кои ги спојуваат, како ќе се согласуваат по клучните државни прашања, ќе биде секако интересно да се види. Оваа коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците иако гледано од политички аспект е компатибилна, тие се меѓусебно сепак два антипода на политичката сцена, но воедно тие претставуваат и “антипод“ на современа и граѓанска Македонија, на онаа Европска Македонија во која што сакаме да живееме. И едните и другите глумат некои патриоти, сакаат да ни се претставуваат како некои национални јунаци кои ќе ја спасувале Македонија секој од аспект на својата национална кауза, но ако ги ставите на власт нема ништо од тоа, ќе влече секој на своја страна, за својата кауза, а таа кауза е главно за пари, за власт, за моќ и ништо друго. Само може да претпоставуваме како би било оваа коалиција да биде власт, каков би бил меѓународниот углед на нашата земја, абе ќе маваат кој у клин кој у плоча. Едните секој ден ќе плукаат по Преспанскиот договор и по договорот со Бугарија, ќе го прецртуваат и кријат она “Северна“ пред Македонија, нема да го признаваат нели, ама под истото име ќе ги уживаат сите привилегии, односно ќе прават пари, ќе седат мадро и ќе предат како мачиња пред странците, особено пред Американците, ама ќе останат “патриоти“. Ќе не оддалечат исто така и од ЕУ, ќе не застанат таму на европскиот пат каде што сопревме пред десетина години. Оние другите пак ќе се занимаваат со прашања од минатиот век, гол национализам, федерализации, проширување и надградување на законот за јазиците, итн, веќе видени теми од минатиот век. Ете тоа би било со оваа коалиција. Баш би сакал да ги замислам патриотите од двете страни како ќе гласаат едни за други, баш ќе биде тоа интересно да се гледа.

Има и други коалиции на овие локални избори кои се така “интересни“ и “симпатични“. На пример онаа коалиција на некој “трет пат“ или не знам како, помеѓу ЛДП и ДОМ, е тие ми се баш онака интересни. Прва смена работат во влада а втора смена одат на митинг и ја напаѓаат владата, “двосменско“ работење. Сега нешто се засилени и мислат дека ќе освојат нешто па ќе маваат и појако ама ваму местото им стои во влада, сето ова ми е некако непринципиелно и бљак, демек ај да се пробаме колку вредиме па ќе се вратиме пак. Ако си во владејачка коалиција терај до крај, ако не си тогаш оди во опозиција па плукај и мавај колку сакаш. Но мотивот на овие помали партии не е тоа да освојат многу градоначалници или советници, знаат дека тоа не можат да го направат, единствениот мотив е да видат колку гласови ќе освојат и потоа да се пазарат помеѓу двата изборни круга за гласовите со цел да добијат уште некое директорско место, ете тоа е главниот мотив. Но има тука според мене уште еден недостаток кој треба да се промени во нашите изборни закони, односно до колку сакате да се кандидирате за локална власт треба да си дадете оставка од место во централната власт, а не вака, да пробам ако биде нека биде, ако не пак ќе се вратам, тоа треба да се измени, инаку не е доблесно а ниту малку принципиелно.

 

Како ќе поминат локалните избори ?

На овие локални избори не очекувам ништо спектакуларно да се случи. Според сите досегашни релевантни анализи и анкети кои се прават владејачката коалиција предводена од СДСМ би требало да направи во вкупниот број на гласови односно на советничките листи поголема разлика од минатите парламентарни избори во однос на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, некаде околу 2-3% да биде разликата во корист на владејачката коалиција. Во број на градоначалници очекувам скоро двојно повеќе да има оваа коалиција, исто така очекувам и да го освои градоначалничкото место во градот Скопје. Малите партии и коалиции кои одат сами на овие избори ќе бидат повторно прегазени и ништо нема да освојат. Освен партијата Левица која ќе има одреден број на советнички места другите ќе останат со празни раце. Но никој не им е крив, така сакаат. По кој знае кој пат ги слушам претставниците на помалите партии како зборат за некои анкети, за некои проценти и не може да разберат една работа која им ја кажуваме на сите избори па и на минатите парламентарни исто така им кажувавме и пак ја оплескаа, истата песна. Имено анализите и анкетите кои ги прават помалите партии не ја одразуваат реално моќта на терен. Може на одредено истражување или анкета да се покаже дека имаат некој рејтинг но на денот на изборите тоа се губи и поништува. На луѓето може да им биде симпатична или привлечна одредена изборна листа или програма, може да им бидат симпатични и претставниците на таа листа но на денот на избори не гласаат за тоа кој им се допаѓа или кој е најпаметен, едноставно гласаат за тој што мислат дека победува или дека лично тие на некој начин ќе имаат одреден бенефит од тоа, тоа е политиката денес. Ќе Ви наведам за ова еден пример. Во 2006 година на парламентарните избори партијата ДОМ која беше предводена од Лиле Поповска имаше доста добар рејтинг на сите релевантни анкети, добро се сеќавам на тоа, некаде околу 7-8%, сконцентрирани највеќе во една изборна единица. Што значи некаде околу 5 пратеника во зависност од излезноста секако. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ и беше понудено коалиција и две добитни места, таа ги одби со образложение дека има висок рејтинг и нема потреба од коалиција. На крајот по завршување на изборите се бореше за едвај едно место и тоа беше на граница со изборниот праг, малку фалеше да нема ниту еден пратеник, ете тоа е политичката реалност кај нас, затоа нека не се залетуваат многу. Но вакви примери има на сите избори, едноставно се залетуваат со некои истражувања, мафтаат со некои анкети и после статива, Цацко им е крив, плачат по емисии како им ги украле гласовите, аман веќе од тоа. Со овој изборен модел, со ова ниво на политичка култура, со овој степен на партизација на општеството едноставно големите ги прегазуваат малите на сите избори, тоа треба да им стане јасно.  Што се однесува пак на оние независните“ како оној Максо од Куманово, сега као станал голем патриот и совесен граѓанин па и он нешто дели памет за Бугарија, му дели лекции на премиерот, не знам што да кажам, ќе направи партијата човек од некого и после онаа изрека, “ Рани куче да те лае“, тоа е. Инаку за ова сум пишувал доста пати, ги знам и двете наши партии од блиску, во СДСМ има далеку поголема демократија од ВМРО-ДПМНЕ, тоа понекогаш можеби не е добро, таму не му се плашат на “шефот“ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде што имаа страв во коски од Никола Груевски па нека излезеше некој независен да видам ако смееше, голи оток одма друже, ама тоа е цената на демократијата. Во СДСМ секој може да си дозволи ако не го кандидираат повторно со дрва и камења да мава, како оној од Радовиш, кој уште на претседателските избори пред две години стоеше катастрофално, му кажаа дека нема шанси за втор мандат и ете го излегол пали и фрла партиски книшки, се претераа и ова градоначалнициве.

П.С.  Врв на непринципиелност е ВМРО-ДПМНЕ да фрла дрва и камења против Република Бугарија. Не дека Бугарија не го заслужи тоа. Го заслужија. Но непринципиелно е они да го прават тоа. Не наседнувајте на овие изливи на лажен патриотизам. Секој може да го прави тоа, тоа е најлесно и ќе Ви ракоплескаат сите за тоа. Но ние сме должни на овој народ да му обезбедиме европска иднина.  Ова е гол популизам на еден лидер кој се бори за опстанок.  Едноставно, тоа е, ништо повеќе.

    м-р Глигор Стоименов

  

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close