Непристоен предлог

Не постои граѓанин на РСМ кој не сака да се реши спорот со Бугарија, за да можат луѓето од двете земји да живеат и комуницираат како што ѝ прилега на сегашноста, а не на минатото. Верувам дека истото важи и за нашите соседи. Прашањето е дали е најден вистинскиот начин кој ќе ги стиша сегашните хистерии, ерупции од национализми и неотсонувани историски соништа, дали е најден пат кој ќе ја затвори можноста спорните прашања да останат погонско гориво за политичка печалба?

Бугарија се избори за „две во едно”: да го тргне ветото, под услов нејзините барања станат дел од преговарачката рамка на РСМ со ЕУ. Второ, ветото да не падне, туку само временски да го помести и да го услови.

Со сето тоа во францускиот предлог, Бугарија (ин)директно се устоличува во контролор на процесот, бидејќи таа најдобро ќе знае да каже дали се остварени резултатите што ги бара за решавање на билатералниот спор. Селењето на билатерални прашања во преговарачката рамка на РСМ со ЕУ, во моментов е најлошиот избран пат. Прво, на тој терен РСМ и Бугарија се во двојно асиметрична позиција. Бугарија е членка на ЕУ, ние не, а со нејзиниот упад во преговарачката рамка таа ќе стане и „непосредно надреден“.

Таквата позиција никако не може да води кон релаксирање на односите меѓу двете земји. Ако во ЕУ тоа никој не го гледа – генерално има голем проблем (не само наш), но и сомнеж за намера, кој длабоко ги тангира наративите за проширувањето. Не сакам ни да помислам дека тоа е направено од некакви други мотиви, но дури и да е направено со најдобри намери, мора навреме да се укаже на спорните точки.

Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov in Rom, Italien

Внесувањето на бугарските услови во преговарачката рамка за РСМ беше најпосакуваната опција за Бугарија. И успеаја во тоа. Успеаја да устоличат таков европски преседан, каков што не и бил приреден на ниту една друга земја. Се прашувам – зошто ЕУ би дозволила преговарачката рамка да се контаминира и компромитира со билатерални прашња, нешто што говори лошо за „методологијата“ и конзистентноста на Унијата? Одговорот е повеќеслоен. Бугарската дипломатија не ќе можела невозможното да го направи возможно, ако македонската не го преспала целиот процес. Или, ако намигнала, праќајќи сигнал дека нема да и пречи ако дел од европскиот процес се сведе и на систематски преглед од страна Бугарија. Ниеден предлог – германски, португалски или француски – не може да проциркулира, ако и од наша страна не добил оценка дека може да биде „појдовна основа“.

Ако ние сме пратиле таков сигнал, во ЕУ си велат – штом на Македонците не им пречи преседан, нека тераат, а и ние ќе покажеме дека не сме заборавиле на ветувањата…

Но, наше брзање, непромисленост или политичко слепило, на никаков начин не ја амнестира ЕУ од одговорноста за проодноста на ваков „предлог“, бидејќи е одраз на тежок отклон од праксата и ерозија на довербата во принципите на ЕУ.

Второ, живи и здрави се сите европски актери кои Договорот од Преспа го крунисаа како историски договор што ќе ги отвори перспективите на земјава, базирани на резултати. И Макрон беше еден од нив. Каде е таа перспектива? Што гледа Унијата кога го има пред себе „Досието Македонија“? Дали гледа земја која во име на добрите меѓуетнички односи, во име на доброседските односи, во име на мирот, европската иднина, регионалната и колективната безбедност направи тешки отстапки и компромиси? Дали гледа земја која заради желба и верба во европските вредности и интеграцијата, плати цена каква што не платила ниедна друга земја? До кога? Каков е односот на ЕУ кон сите македонски жртви пред европскиот „олтар“? Просто кажано – крајно безобразен.

Ако ЕУ се залага за стабилност во регионот и континентот, ако се залага за современ и цивилизациски начин на решавање на билатерни спорови и индивидуални заслуги како услов за проширување, примерот на РСМ требаше да биде високо на европскиот пиедестал.

Emmanuel Macron

Под притисок и замор од 17-годишното чмаење со кандидатски статус во џебот, дури и нашиве политичари да грешат во потезите или да не се свесни за потенцијалните ризици, ЕУ е таа која не смее да дозволи инсталирање на билатерално менгеме во европскиот процес за ниту еден кандидат. Со бугарско менгеме во нашиот случај, Унијата и нуди на РСМ перспектива на долга агонија, со европски потпис. Тоа не е процес на проширување, туку процес на одобрено измачување. А, ако и РСМ се согласи со тоа – ризикува да се сведе на пластелинска маса, а имајќи ги предвид барањата на источниот сосед, до крајот на преговорите да заврши како во саркастичната изјава на Еди Рама.

ЕУ не смее да дозволи нејзината членка Бугарија да ПРИВАТИЗИРА дел од преговарачката рамка на РСМ со ЕУ, бидејќи со тоа се легализира конфликт на интереси поврзани со билатералниот спор. И како после да зборуваме за принципи и владеење на правото?

Со ваков однос на ЕУ кон конструктивните земји, кој покажува дека Унијата нив ги нострифицира како „наивни”, ниедна земја во регионот повеќе нема да ни да помисли, а камоли да влезе во решавање на спор со соседите. Наративот секогаш ќе биде ист: А видовте ли што и приредија на Македонија?

ЕУ треба да биде вредносен и морален светилник кој нема да дозволи преседан, а не де јуре да го инсталира. Ако ЕУ ја изгуби таа улога, тогаш каква е нејзината гравитациска сила и „идеалот” кои ќе ни дадат ентузијазам нам и на другите, за преговори со Унијата?

Притоа, апсолутно ги разбирам и повиците добро да се размисли за францускиот предлог. Не гледам никаква злонамерност во нив, туку искрена грижа земјава конечно да исчекори од сегашното статус кво. Но мислам дека овој предлог гаранитира уште поголемо статус кво.

Пред прашањето – треба ли да го отфрлиме овој предлог,  има уште едно прашање – а што да правиме кога предлогот самиот нѐ отфрла нас? Што да правиме со предлог кој не ни остава никаков простор за реален исчекор?

Еве еден пример, и тоа во однос на „полесните прашања“. Како ќе се бараат од нас резултати во справување со говор на омраза, кога говорот на омраза е инсталиран во бугарското негирање на етногензата на македонскиот народ и јазик, како посебни. Секоја наша аргументација против тие ставови ќе се книжи како говор на омраза и никогаш нема да ни бидат признаени резултати. Нека седне некој од ЕУ да види како во овој сегмент предлогот се доживува во бугарската кометентна јавност: „ќе ги диспциплинираме Македонците“, „сега не ќе смеат да зуцнат“,„ќе се бележи кој што пишува и говори”, „ќе има мерки“…

Простете, но дали европските преговори треба да резултираат со автонцензура кај нас и со живот како во изреката „ем те тепаат, ем не ти даваат да плачеш“? Дали ова ќе води кон зближување на двете земји или кон уште поголеми поделби кои нема да се залечат со децении?

Да не зборуваме околу што ќе се врти тежиштето во сферата обрзование. Наместо реални реформи, дигитализација, адаптирање на образовниот процес кон потребите на денешницата и пазарот на труд, се ќе се сведе на корекција во учебници по историја, расправа за средни векови, анализа на ДНК на цареви и војводи по сила на „една вистина“, а ако не се согласиме со нешто од тоа – ќе следува вето.

Оттука прашањето – дали ние сакаме само да почнеме преговори или сакаме и да ги завршиме? Не ќе може да ги завршиме ако се дозволи бугаризација на европскиот процес, во кој и камшикот и стапот ќе бидат во рацете на Софија. Не би се потпирала на надежите дека тоа ќе биде надгледувано од другите земји во ЕУ. Да сакаше Бугарија таков надзор, ќе дозволеше барем еден европски медијатор – експерт (по нејзин избор) во Комисијата за историски и образовни прашања.

Патем, при зафатеноста на ЕУ со безбедносни, енергетски и економски предизвици поврзани со војната во Украина, навистина ли верувате дека некој од „другите“ ќе се занимава со тоа дали сме се усогласиле за Гоце Делчев? Рефренот на ЕУ ќе биде ист ако досега: да си го решат тоа двете страни. Да, точно така, ама надвор од преговарачката рамка.

Затоа последниот предлог не е опција.

Релевантни е прашањето – како понатаму, ако не биде ништо со овој предлог. Во најлоша варијата, ќе биде како во изминатите 17 кандидатски години – „како досега“.

Не постои причина и енергија за внатрешни меѓуетнички конфликти и кризи и впечатокот е дека таа приказна е зад нас. Но, ни мирот ни стабилноста не се засекогаш освоени, а можат да станат ранливи ако нема континуирани домашни резултати. Не сум приврзаник на тезата дека само преговорите со ЕУ можат да не стават во реформски колосек. Бугарија е членка на ЕУ, ама Унијата воопшто не е среќна со тамошните резултати во владеење на правото, битката со криминал итн.

Што значи, дека ЕУ може да биде силен катализатор на реформи, но сепак тоа најмногу зависи од домашната енергија. Кај нас таа никогаш не доби целосна шанса заради тесно-партиски битки, интереси и криминал. И „почетокот на преговори“ еднаш ќе мора да почне прво меѓу нас: какви резултати сакаме, каде сакаме да стигнеме, во кои рокови и колку сме подготвени да се вложиме во тоа. Ама потребно искрено преиспитување, обединување и реорганизирање. Само со работа, грижа за сопствените интереси и чесни политички елити, може да станаме респектирана држава, а не „поштенско сандаче“ во кое ќе одвреме навреме ќе бидат испоречувани секакви, па и непристојни предлози.

извор: ДВ

Back to top button
Close