Непроменета грчката поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ

 

Поддршката за европерспективата на Западен Балкан, како и ставот дека Грција поддржува меѓувладината конференција на Северна Македонија и Албанија со ЕУ да се свика веднаш, ги повтори денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану на редовниот брифинг со новинарите одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Тој потсети дека Солунската агенда започна од грчкото претседателство со ЕУ во 2003 година, додавајќи дека Грција во континуитет ја поддржуваат европерспективата на Западен Балкан со познатите услови и „ништо не е променето во однос на ова прашање“.

– Соработуваме со претседателствата на Европската Унија, како со португалското, така и со словенечкото, а сега и со француското за унапредување на ова прашање за кое, како што континуирано имаме кажано, ние поддржуваме веднаш да се свика меѓувладината конференција Европска Унија-Северна Македонија и ЕУ- Албанија, рече Папајоану.

На прашањето на МИА, дали можеби сега уште повеќе е потребно забрзување на ЕУ- перспективата на регионот, особено по последните случувања во Украина и со оглед на одредени нон-пејпери за промени на границите во регионот кои се појавија во минатото, Папајоану рече дека за Грција, европската иднина на Западен Балкан е секогаш актуелно прашање и никогаш не се тргна од нивниот радар, додавајќи дека фактот што не дискутираат секојдневно за тоа, не значи дека го заборавиле.

Портпаролот на грчкото МНР кратко и јасно порача дека отфрлаат „каква било дискусија  за различните нон-пејпери од сомнително потекло“.

Back to top button
Close