Непроменети остануваат ставовите на власта и опозицијата за предвремени парламентарни избори

Непроменети остануваат ставовите на власта и опозицијата во врска со одржувањето брзи предвремени парламентарни избори. Власта тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека на земјава не и се потребни избори, додека опозицијата смета власта е делегитимирана по поразот на локалните избори и дека се неопходни предвремени парламентарни со цел земјата подготвено да се справи со економските и енергетските предизвици кои и претстојат. По најавената оставка на премиерот Зоран Заев во владината коалиција течат разговорите за нов мандатар. Се уште нема информации дали ќе има промени и во кадровскиот состав на Владата.

Од СДСМ повторуваат дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема потреба од нови избори.

-Со месеци Христијан Мицкоски го лажеше народот дека само што не формирал ново парламентарно мнозинство. Излезе на виделина лагата на Мицкоски, ново парламентарно мнозинство нема. Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. Ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори. Мнозинството ќе се посвети на реформите за државата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, и почеток на преговорите со ЕУ, посочуваат од партијата.

СДСМ и коалицијата, како што нагласуваат, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го загрозуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и на тој начин да ја вратат државата назад во темното минато на режимот.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека со оглед на тоа што четири дена по најавата за оставка Заев се уште не ја доставил до Собранието повторно излажал и прашуваат дали само сака да избега од одговорност и го амортизира незадоволството на народот, за подоцна да рече дека нема да се повлече.

Само со нови избори, додаваат, ќе се преслика волјата на граѓаните во Собранието, по што ќе се формира влада која ќе има чиста основа за реализирање на реформи и проекти.

Деновиве по најавената оставка на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев имаше реакции од надвор за тоа што таа би значела за земјата и за регионот.

Вчера АФП, во коментар, пишува дека опозицијата во Северна Македонија побара распишување на предвремени парламентарни избори, откако премиерот Зоран Заев соопшти дека ќе поднесе оставка по лошите резултатите на неговата партија на локалните избори, и притоа оценува дека „изненадувачката најава на Заев внесе нова неизвесност на балканската политичка сцена, каде автократите се познати по зацврстување на позициите на власта и каде доброволните оставки се реткост“.

Во коментарот, чии делови пренесува БГНЕС, се посочува дека во услови кога премиерот Заев се уште не го објави датум на неговото заминување, кога не е познат неговиот наследник и е создадена зголемена конфузија, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ предлага брзи парламентарни избори, тврдејќи дека само преку нив ќе се обезбеди стабилно движење напред.

–Изненадувачката најава за оставката и лошите резултати на неговата партија СДСМ на изборите минатиот викенд, дојдоа по неколкумесечен пад на популарноста на премиерот, додека тој се бореше да ја одржи во нормален тек економијата на земјата погодена од пандемијата на Ковид-19 и во услови кога преговорите за евентуално зачленување (на земјата) во ЕУ се во застој, оценува Франс-прес.

Агенцијата посочува дека по најавата на Заев дека планира да поднесе оставка, неговите политички сојузници побараа тој да ја промени одлуката, оценувајќи ја како избрзана и потсетувајќи дека владејачката коалиција на СДСМ „со најголемата партија што го претставува етничкото албанско малцинство и натаму има кревко мнозинство во Парламентот“.

Back to top button
Close