Нешто матат

1.Кој прашува за „Бехтел и Енка“? Кога прашуваме како ќе се потрошат милијарда и триста милиони евра за изградба на четири автопатски делници во нашата држава, не е тема на муабетот градежната компанија, туку нашата Влада што треба да ја плати изградбата. Не е тема на муабетот ни Америка. „Бехтел и Енка“ е приватна компанија. Може да е и „Кока кола“, „Тесла“ или „Амазон“. Нас не нè интересира бизнисот на приватни компании. Ние имаме прашање кое е многу разумно. Како ќе се потрошат нашите пари? А не се малку пари. Толку нè интересира. Особено што Владата ни вика дека договорот со приватната градежна компанија е тајна, а ние сме запнале баш да дознаеме како со тајност ќе го заштити јавниот интерес. Не знам што тука не е јасно.

Џабе власта ги пушта „куририте“ кои на секое прашање како се трошат парите на даночните обврзници праќаат пораки: „Нè карате со Америка!“. Што? Да не ни се налути американската компанија па да не сака да ги земе тие 1,3 милијарди евра!?

Не, бре. Не ве караме со Америка. Вие се карате со нас. Никој не го спори стратешкото партерство со САД. Ама не сме ве бирале да ги штитите американските интереси. Сме ве избрале да ги штитите интересите на македонските граѓани и на македонската држава. Не знам и тука што не е јасно.

Начинот на кој власта ја води целата постапка само долева дополнителна недоверба кон институциите на државата, во кои ионака малкумина веруваат. Еве, сега смислија и дека договорот кој содржи тајни клаузули ќе можат да го видат само пратениците што имаат безбедносни сертификати. Безбедноста ли ќе се наруши ако се разбере колкава ќе биде провизијата? И кој ќе ја земе.

Извесно е дека во Собранието ќе се донесат законите што ги побарала „Бехтел и Енка“. Верувам дека патиштата ќе бидат изградени. Од нив ќар ќе имаат сите граѓани. Ама, ќе остане тајна кои граѓани ќе имаат поголем ќар од другите. Власта и досега не покажа дека заслужила да ѝ се верува. Па токму тој Вашингтон, со кој сега им се закануваат на тие што имаат сомнежи дека Владата нетранспарентно ги троши парите на даночните обврзници, им прави списоци на корумпирани политичари и секој ден ги потсетува колку не ги бива да се справат со корупцијата и неказнивоста на високопрофилниот криминал.

Не знаеме дали е сè чисто, оти велат дека е тајна. Ама перцепцијата на јавноста е дека нешто матат. И притоа, бесрамно се кријат зад Америка.

2.Сè тргна некаде околу 2000-та, на почетокот на 21 век, кога политичарите почнаа да се сликаат во цркви и џамии за време на верски служби, ама не даваа изјави. Како што навлегувавме во новиов милениум, стана многу важно што имаат да изјават политичарите за раѓањето на Христос, воскреснувањето, бајрами, ифтарски вечери , постења и други господови настани. Синким верниците не знаат, па чекаат министрите и градоначалниците да им кажат колку е значаен тој и тој ден и дека треба да си имаат мир и спокој. А ако пак, не дај боже, генерален секретар на партија заборави да честита Велигден или Бајрам, исто како верскиот празник да не се случил, па нема да има ни мир ни спокој.

И така, во секуларнава држава го дочекавме денот кога благодатниот оган од Ерусалим за Велигден го донесоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, двајцата од левичарската СДСМ. А премиерот на левичарската влада Димитар Ковачевски се спотера до аеродром да го пречека огнот, кој слета од Тел Авив со владиното авионче. И тоа го претстави како историски настан.

Што ќе биде следната промена на Уставот? Ќе го бришеме членот во кој државата е одвоена од верата? Кога веќе политичарите им кажуваат на верниците како да слават верски празници, тогаш ајде попови и оџи нека ни кажуваат како да живееме.

(…)

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close