Несреќа во швајцарски ски-центар: Едно лице загина по пад на кабина од жичница

Едно лице го загуби животот во швајцарскиот ски-центар Енгелберг откако кабина на жичница се откачи под налетот на силен ветер и падна наземи, соопшти денеска локалната полиција пренесувајќи детали за несреќата што се случи на надморска височина од околу 2 000 метри.


Според полицискиот портпарол во Енгелберг, кабината, која има капацитет за осум патници, во моментот на падот превезувала само едно лице. По откачувањето, за кое се претпоставува дека е предизвикано од невремето, кабината силно удрила во земјата, по што се лизнала по снежната падина превртувајќи се неколкупати. Инцидентот бил снимен, а видеото беше објавено од швајцарскиот весник „Блик“. Засега нема подетални информации за идентитетот и националноста на жртвата.

Спасувачката операција била дополнително отежната поради висината и непристапниот терен и поради тоа бил ангажиран и хеликоптер на швајцарската воздушна спасувачка служба за евакуација на преостанатите туристи што биле заглавени во другите кабини на линијата.

Веднаш по несреќата погодената жичница и неколку други лифтови во ски-центарот беа затворени поради безбедносни причини и силниот ветер.

Back to top button
Close