Нетанјаху: Ја чувствуваме болката поради смртта на седуммина наши борци
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека денес е многу тежок ден за народот на Израел откако армијата потврди дека седум припадници на израелските вооружени сили се убиени во борбите во јужниот дел на Појасот Газа.
„Заедно со сите граѓани на Израел, јас и мојата сопруга жалиме и ја чувствуваме болката поради смртта на седуммина наши борци од баталјонот за борбено инженерство, нека почиваат во мир,“, рече Нетанјаху во официјално соопштение. Тој додаде дека израелскиот народ „им испраќа искрено сочувство на семејствата кои ги загубија најскапоцените“.
Како што претходно објави израелската армија, еден офицер и шест војници беа убиени вчера во градот Кан Јунис, на југот на Газа, кога експлозивна направа поставена под нивното возило експлодира и предизвика пожар. Друг војник беше тешко ранет во одделен инцидент.
Минатиот месец израелската армија нареди евакуација на населението од Кан Јунис пред „невиден напад“, пренасочувајќи ги цивилите кон ал-Маваса, крајбрежна област во западниот дел на Газа, каде што беше започната нова фаза од воената офанзива.