Нетанјаху: Израелското обвинителство ја излудува земјата со бесмислените обвинувања против мене
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска за време на неговото сведочење во судскиот процес против него за наводна корупција изјави дека обвинителството ја „излудува земјата“ со бесмислените обвинувања против него.
Израелскиот премиер посочи дека „природно е премиерот да се обидува да влијае на медиумите“ и негираше дека сопственикот на веб-страницата „Вала“ му дал „специјален третман“, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Тие (обвинителството) ја излудеа целата земја поради една веб-страница. За што ме обвинија, зошто седам овде? Поради глупости.
Тие ја измислија оваа идеја (за посебен третман) за да имаат за што да ме обвинат“, изјави Нетанјаху.
Денеска е седмиот ден од неговото сведочење, а говорницата на сведоците во судницата е отстранета за да се направи место за масата на која седеше Нетанјаху за време на неговото сведочење, поради лекарска препорака да не се заморува.
Нетанјаху се соочува со неколку обвиненија за корупција. Нему му се суди за три главни случаи: „Афера 1,000“, „Афера 2,000“ и „Афера 4,000“.
Како дел од „Аферата 1,000“ Нетанјаху е обвинет дека добил подароци во вредност од стотици илјади долари, вклучувајќи пури и шампањ од богати бизнисмени, во замена за наводно давање политички услуги.
Во „Афера 2,000“, Нетанјаху е обвинет дека преговарал за договор со сопственикот на израелскиот весник „Једиот Ахронот“, Арнон Мозес, за да обезбеди поповолно покривање во замена за прописи што би ги заштитиле неговите деловни интереси.
„Аферата 4,000“ е најсериозното обвинение, бидејќи се однесува на наводната коруптивна врска меѓу Нетанјаху и сопственикот на телекомуникациската компанија Безек, Шаул Еловиц.
Во наводите на обвинението се сугерира дека Нетанјаху обезбедил политички услуги во замена за поволни извештаи на владиниот портал на Еловиц, Вала.
Нетанјаху ги негира сите обвинувања, тврдејќи дека тие се политички мотивирани.