Нетанјаху вечерва ќе се сретне со советници поради „прекршување на примирјето од страна на Хамас“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва ќе се сретне со своите најблиски советници за да разговараат за можните одговори на она што израелските власти го нарекуваат прекршување на договорот за примирје од страна на Хамас, со оглед на тоа што групата сè уште не ги вратила телата на 19 заложници, изјави владин извор.
Хамас тврди дека досега ги предал сите тела што можел да ги најде, но висок израелски функционер рече дека Израел не го прифаќа тоа тврдење и рече дека милитантната група „би можела да врати двоцифрен број повеќе заложници“, објави „Тајмс оф Израел“. Од 28-те заложници за кои се знае дека починале во заробеништво, Хамас досега предал девет тела откако примирјето стапи на сила во петокот.
Според израелските медиуми, израелските власти им ги доставиле на Египет, Катар и Турција точните координати на локациите каде што, според нивните информации, се наоѓаат телата на заложниците.
Безбедносните претставници предлагаат, сè додека Хамас не предаде повеќе тела, испораката на материјали за обнова на Газа да се суспендира или отворањето на преминот Рафа за движење на луѓе да се одложи.
Египет, според истиот извор, испратил порака до Хамас дека мора да ги исполни своите обврски според договорот за прекин на огнот, но во исто време го повикува Израел засега да не воведува дополнителни мерки на притисок.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар претходно во Неапол изјави дека Израел има конкретни информации дека Хамас може да предаде значителен број починати заложници во согласност со договорот.
„Она што го прават сега е сериозно кршење на договорот“, нагласи Саар.