Нетанјаху: Веројатно го убивме лидерот на Хамас, ќе ја окупираме цела Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва изјави дека израелската армија веројатно го убила Мохамед Синвар, де факто лидерот на Хамас во Газа и брат на убиениот лидер Јахја Синвар.
„Елиминиравме десетици илјади терористи. Ги елиминиравме водачите на убијците – Деиф, Ханија, Јахја Синвар и веројатно Мохамед Синвар“,рече Нетанјаху на својата прва прес-конференција по неколку месеци.

Мохамед Синвар беше цел на израелските воздушни напади минатата недела врз Европската болница во Кан Јунис. Според палестинското Министерство за здравство, во нападот беа убиени 28 Палестинци, а повеќе од 50 беа ранети. Доколку се потврди, неговата смрт би била уште еден во низата атентати врз високи функционери на Хамас, иако Хамас сè уште ја одржува контролата врз Газа.
Мохамед Синвар беше брат на Јахја Синвар, поранешниот лидер на Хамас, кој беше убиен од израелската армија во јужна Газа во октомври.
Нетанјаху на истата конференција потврди дека новата израелска воена офанзива во Газа нема да запре.
„Нашите сили заземаат сè повеќе територија во Газа. На крајот од операцијата, целиот Појас Газа ќе биде под израелска безбедносна контрола“,рече тој.
Тој рече дека Израел би можел да се согласи на привремен прекин на огнот, но само ако тоа вклучува ослободување на заложниците. Крајот на војната, рече тој, би бил можен само ако се исполнат клучните услови: демилитаризација на Газа, отстранување на Хамас од власт и спроведување на американскиот план за доброволно иселување од Газа.
„Секој што нè повикува да ја запреме војната пред да ги постигнеме овие цели, всушност повикува Хамас да остане на власт“,рече Нетанјаху.
Нетанјаху додаде дека постои целосна координација со сегашната американска администрација на Доналд Трамп околу нуклеарната програма на Иран, додека Вашингтон се обидува да преговара за нов договор со Техеран.
Според него, секој иден договор со Иран мора да вклучува забрана за развој на нуклеарно оружје и запирање на збогатувањето со ураниум.
„Израел има право да се брани од режим кој се заканува со негово уништување“,заклучи Нетанјаху.