Нетфликс одби да ја обележи серијата „Круна“ како фикција
И покрај бројните барања, меѓу другото – и на дел од британските власти, Нетфликс официјално одби да ја обележи четвртата сезона од серијата „Круна“ како фикција.
Критичарите посочуваат дека серијата содржи низа измислени клучни делови и има загриженост дека публиката можеби нема да сфати дека станува збор за фикција. Ова создава посебен проблем за кралското семејство, кое повторно се соочува со бројни критики во јавноста поради тоа како се однесувале кон принцезата Дијана.
Moжеби најпознатата принцеза во поновата британска историја, ја глуми Полјачката од Париз, Елизабет Дебицки.
Принцот Чарлс и војвотката Камила се под посебен напад, бидејќи во серијата се говори како двајцата тајно се гледале додека принцот (кого го глуми Џош О’Конор), бил оженет со Дијана.
Глумицата Хелена Бонам-Картер, која ја толкува принцезата Маргарет во оваа серија, рече дека Нетфликс има „морална одговорност“ да ги означи настаните во серијата како измислени. Сепак, гласноговорникот на Нетфликс во краткото соопштение за јавноста рече дека е доволно јасно дека станува збор за измислена приказна.
„Ние сме целосно уверени дека гледачите на серијата разбираат дека станува збор за фикција заснована врз историски настани. Немаме намера и не гледаме потреба во иднина конкретно да укажеме дека станува збор за фикција”, гласи кусото соопштение.