Неутралните Швеѓани се порасположени за членство во НАТО

Во Шведска расте поддршката за влез на земјата во НАТО, а бројот на поддржувачи речиси се изедначи со оние што го поддржуваат зачувувањето на традиционалната воена неутралност, покажа најновото декемвриско истражување на јавното мислење.

Во анкетата објавена во шведскиот дневен весник „Дагенс Нихетер“, 33 проценти од учесниците гласале за влез на Шведска во НАТО, наспроти 35 проценти кои се изјасниле против и речиси истот процент на испитаници кои не се одлучни, јави порталот ЕУРАКТИВ.

Само како споредба, пред само пет години 50 проценти од Швеѓаните беа против испраќање на апликацијата за членство во НАТО.

Анкетата се спроведува во последните седум години, а во овој период отпорот за влезот на Шведска во НАТО постепено, но постојано, опаѓаше.

Во декември минатата година, десничарските шведски демократи, втора по големина опозициска партија во Шведска, се приклучија кон останатата опозиција – Умерената партија, Партијата на центарот, Демохристијаните и либералите – за влегување на земјата во Северноатлантскиот сојуз.

Со овој потег, сегашното парламентарно мнозинство е отворено за можноста земјата да влезе во НАТО.

Министерката за надворешни работи Ен Линде, од владејачката Шведска социјалдемократска работничка партија (С/САП), ја критикуваше ваквата „опција за НАТО“, велејќи дека тоа не е во интерес на Шведска и дека веќе ја доведува во прашање надворешната и безбедносната политика на земјата.

Линде на безбедносна конференција кажа дека Шведска ќе продолжи да негува блиски партнерски односи со НАТО, но дека ќе ја задржи својата политика на воена неутралност.

Меѓутоа, без разлика на воената неутралност, шведскиот Парламент кон средината на декември усвои владин предлог за рекордно зголемување на воените трошоци.

Според предлогот, буџетот за одбраната за периодот од 2021 година до 2025 година е зголемен за цели 40 проценти, што е првенствено поврзано со ескалација на тензиите во балтичкиот регион.

Иако буџетот за армијата е зголемен од 2014 година, шведската Влада планира издвојувања за следните пет години што не се забележани од Втората светска војна.

Покрај тоа, се планира да се зголеми бројот на припадници на вооружените сили од сегашните 60.000 на околу 90.000 и да се модернизираат борбените системи во воздухопловството, морнарицата и артилеријата.

Усвоеното зголемување на буџетот за одбрана до 2025 година ќе изнесува околу 2,65 милијарди евра. Воениот буџет на Шведска минатата година беше околу 1,1 процент од БДП.

Back to top button
Close