„Невидливата куќа“ нежно „пее за мрачните времиња“

„Во мрачните времиња ќе има ли пеење ?“
„Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“
Бертолт Брехт

 

Македонската литература за деца (веројатно уште повеќе таа за млади) долго време е под стандардите на сoврeмената литература за деца и млади (имајќи ја тука предвид таа од земјите на ЕУ, британиската, американската, јапонската…).

Современата културна продукција е еден од клучните столбови на културниот идентитет на една нација. Во име на тоа, не смееме да си дозволиме да се „мазиме“, просечното да го нарекуваме “одлично” во потрагата по идентификациски величини да ги спуштиме стандардите кои потоа се јавуваат како сериозна пречка во развојот на културата и во остварувањето на високи вредности (Б. Тричкоски).

Не ми е до крај јасно кои се причините, но кај литературата за деца се чувствува една тенденца темите, пристапот и вокабуларот да се прилагодуваат на критериумите на родителите (веројатно некоја пазарна логика) наместо да се биде храбро отворен кон публиката која е конечен реципиент. Така, вокабуларот се банализира, а римите стануваат жалосни конструкции кои редовно се усолгасуваат на податливоста на “трај” и “знај” на крајот на стихот.
Таква е, барем, поезијата во обврзните лектири за второ и трето одделение.

Литературата за млади (со неколку мали исклучоци кои заслужуваат посебни текстови, а не само попатно споменување) е далеку од темите кои се интерес современи млади луѓе. Фала богу за Нетфликс, преводите и читањето на англиски.

Некаде во заглавеноста меѓу оваа резигнираност и еден напорен оптимизам на кој сум му склона весело ме начека на телефон Билјана Црвенковска со „Имам еден текст. Ќе се менува. Можеш да бидеш и уредничка, види како ти се чини. Има уште да се работи. Графички роман со Костуранов“.

Ја прочитав се уште само како текст без илустрации кои во графички роман се вториот столб на самата приказна. Неколку месеци подоцна се појави конечниот производ.

Графичкиот роман „Невидливата куќа“ на Билјана Црвенковска и Ване Костуранов.

Кој е прекрасно, комплексно, а едноставно срочено, современо четиво за деца меѓу 5 и 9 години (горе долу). Приказната за малата Кала која со своето семејство бега од војна, веројатно некаде на Блискиот Исток. Исплашена од постојаното талкање, разделбите и тешките последни прегратки, смртта и стравот, изгубена во реките луѓе кои бегаат, наоѓа спас во Невидливата кука.

Гледајќи ги страотните слики од кабулскиот аеродром каде што луѓето гинат во стампеда во очаен обид да избегаат од лудилото на верскиот фундаментализам и тероризам, романот дури и пророчки, ја предвидува судбината на стотици мали Кали кои ќе станат дел од толпите осудени на борба за гол живот, исправени пред различни софиини избори кои од комоцијата на своите домови не можеме да ги замислиме.

Текстот не одбегнува да зборува за војна и смрт. Храбро споменува „глад, бегство и смрт“. А притоа е наменет за читатели од 5 до 9 годишна возраст. Носи книжевна вредност која може да го направи дел од листата на Амнести интернешенел за литература за млади на тема бегалци.

Ликовите уште на почетокот од приказната се во грч од неминовната разделба и неизвесност. Не е приказна за некоја буба-мара која бега и слични скоро навредливи, езопски банализации на човечкото страдање.

„Невидливата куќа“ е текст кој ја сфаќа одговорноста на писателот пред интелигенцијата, капацитетот на детето да сфати комплексни современи прашања. Кој има почит кон политичноста на детето и круцијалната важност на квалитетното образование.

Романот гради лик создаден да буди емпатија, солидарност, силен морален и етички одговор. Сочувство за болката на Другиот. Другиот кој не е „ближниот свој“ туку различниот и далечен (а толку сличен друг). И, учи дека различноста (како и сличноста) е идеолошки конструкт кој е прашање на избор.

Книгата и нејзините илустрации дискутираат со современите графички романи како „Оливер“ на Биргита Сиф, или „Патешествието на Набу“ на Јарослав Миколајевски итн. Исклучително интересен детал во илустрациите е црвениот капут на Кала, кој реферира на девојчето со црвен капут од Шиндлеровата листа.

Конечно, радува најавата за преведување на романот и на албански јазик, што може да го направи предмет на заеднички читања и дружења.

И што, секако, би олеснило во конструктивните притисоци да стане лектира за второ одделение.

Лени Фрчкоска

Back to top button
Close