НЕВИДЛИВО (Одисејата на Трајано Велковиќ, „правно лице“ низ чијшто живот патуваат држави)

Расказ од книгата „Парадоксикон“ добитничка на годинeшното Рациново признание“…

 

Трајанчо Велковиќ има шеесет и една година, кревко и од неодамна донарушено здравје, живее сам, речиси без примања и има уште еден, бездуго најголем проблем: тој е, имено – невидлив.

Да се разбереме, Трајанчо Велковиќ, оди по улиците на родното Драчево што веќе е предградие на гравниот град, без потешкотии ги поздравува и го отпоздравуваат соседите, со него на долго и на широко разговараат оние меѓу нив што за скромна дневница ќе го најмат да им ги работи градинарските работи: да им ги кастри овошките, да им ги крои и опкопува лозјата, леите со марула, морков и она што остана од скопскиот јабучар, собирање расад од кромид и арпаџик, лете да им ги собира кајсиите и праските, а наесен да ги откопува околните канали кои често знаат да се прелеат од натрупаниот шут, отпад, подгорените камионски гуми, друга нечистотија и мрши од домашните животни кои селаните ги фрлаат во нив… Трајанчо Велковиќ, освен тоа се среќава со ретките познајници, разговара со нив, одлично го забележуваат иако веќе од поодамна го избегнуваат носителите на власта во локалата самоуправа на Драчево и околината, дури и кога се возат во автомобилите од кои, откако ќе го забележат, ако воопшто неволно и ќе му мавнат, забрзано ќе го заобиколат во широк лак. И покрај сиот тој, така да се каже, жив општествен живот што го води, Трајанчо сепак останува невидлив. Формално правно. Кога ќе оди на шалтер да се пријави за државјанство што е основен услов да извади здравствена книшка, да побара не каквагоде, туку дури и штогоде од работа, да се пријави макар за социјална помош, или во Агенцијата за вработување како што сега се вика бирото за невработени, службениците му соопштуваат дека за државата тој веќе дваесет и три години бил, и сѐ уште останува – правно невидлив.
Трајанчо Велковиќ, имено, постои за сите, единствено не постои за државата и за нејзините институции…
Поради честото спомување на неговото име и презиме, ние веројано би требало да прибегнеме кој убавата книжевна практика и Трајанчо Велковиќ да го спомнуваме скратено, со неговите иницијали, но ние тоа во овој случај никако не го сакаме, не зашто ќе потсетува на постапката од Франц Кафка што потоа стана и неминлива мода во фикциската литература, туку зашто: прво, Трајанчо Велковиќ кој се злопати слично како Јозеф К., за разлика од него, навистина постои и навистина е осуден да биде правно невидлив; и второ, зашто спомнувајќи го името и презимето на Трајанчо Велковиќ, сакаме да го направиме барем… книжевно видлив.
Ете, толку, отприлика, за тоа. Одиме сега натаму!

Тешко е, значи, да си правно невидлив зашто за личност која државата не сака да ја види, проблемите стануваат секојдневни. На страна оние ноќните, кога Трајанчо Велковиќ сонува како тука, на неговата споредна улица во населбата Драчево, онака гологав и облечен во ветвата кремова винтјакна што, сега веќе подизносен, пред три зими му ја подари некој од комшиите со меко срце, и која за сега добро го грее… се сретнува со Неа; со својата Држава која онака голема и крупна не може, а да не биде означена со голема кирилична буква; со Државата која има стокмена фризура на проретчената, уредно вапцана и исфризирана златеста коса која, за разлика од средовечните изработени жени на Драчево, нема израснат бел корен; со Државата која со поткрената веѓа и студен поглед насочен некаде далеку пред неа, со обли, румени образи и подиспотено чело од валунзите кои како и секоја климактерична жена и неа сѐ често ја преплавуваат; со Неа, качена врз високи кафени топуци на чевлите од природна кожа, облечена во црвен едноделен фустан под кој ѝ се истакнуваат големите гради и набабрениот мев, додека гласно шушкаат свилените чорапи натнати на облите бутови кои завршуваат со полните иксести нозе, Таа, Државата на Трајанчо Велковиќ, полека и тромаво движејќи го импозантниот задник, тешко гази по калливото џаде… Трајанчо залудно ѝ кимнува, дури на глас покорно ја поздравувува, исцедувајќи дури и една, додуша збунета насмевка, за некако да ја одоброволи јадрата граѓанска мајка на сите нас… А Таа, онака крупна, надрочена ко џбитак, сигурна во Себе си, накитена со прстење по збамбарените прсти, разџвакана, повремено ширејќи ги забалата на чии предни заби се гледаат траги од аловиот кармин – како кај службеничките по шалтерските служби кои Трајанчо непрекинато ги обиколува – чекори по сокакот и гризе врел бурек завиткан во измастена мукава, додека по патот, од под мрсната хартија отпаѓаат парчиња мелено месо околу кое се јатат брзите мачки и тромавите селски љангачи, и таква огромна, тромава, зловолна и важна … поминува покрај него, не ни погледнувајќи го.
„Ама…Госпожа!“, полугласно и срамежливо ја ословува Трајанчо, кој најрадо би ја ословил, онака по старо, топло и со почит, со „Мајче!“ но чувствува дека тоа на оваа средовечна тетка нема да ѝ се допадне, па така тивко довикува „Госпоѓо!“ по неа, а откако Таа нема да го чуе, зафатена со гризењето, лифкањето и мелењето на својата врела мрсна храна, тој очајнички погласно ќе подвикне по неа: „Госпожа, извинете!!!“, Таа полека ќе запре, ќе прекине да џвака и онака голема и силна, со подотворена уста и образи полни јадење, ќе се сврти наназад, ќе погледа со оној нејзин безизразен поглед од под поткренатата веѓа, но не кон него, туку некако низ него, при што тој милозливо ќе ѝ се насмевне и ќе ѝ каже: „Ја се извинувам, но кога ќе може да го добијам Вашиот документ за државјанс’во?…“, по што Државата ќе се сврти, и без каков и да е одговор, ќе продолжи напред на својот пат, цапајќи по ѓољовите со сета тежина и во новите чевли, од каде, од под ѓоновите од природна кожа, плиснуваат шурки од валканата вода на калливиот сокак… И така, Трајано останува да гледа како Таа се оддалечува – сеејќи мрсно зајре од својот врел појадок, следена од бесните фрчења, мукања, мекања и мјаукања и од збунетите лавежи на локалните ајванчиња што цапаат по драчевската кал и се прехрануваат од Нејзините немарно расфрлени остатоци – и како заминува, губејќи се полека во перспективата на џадето кое води во главниот град…

„Добро, ајде, разбирам“, ќе си рече на прикрајот од сонот кој, секогаш ист, Трајанчо го сонува барем дваесет и пет години, додека при тоа чувствува растечки притисок во бешиката: „не сака да каже ни збор, нејќе да отпоздрави, не викам – Држава е, и важна е, еве дури разбирам некако што ни око не сака да фрли на мене… ама, мајка му стара, дали Она само се прави, или стварно не може да ме види и забележи?!…“
И од тој мачен сон и од прашања што потоа почнуваат да му се јајат во главата, тој се рабудува во глувата драчевска ноќ на крајот од зимата, во која дури и најтврдокорните селски пцишта престануваат да лаат и дремат на студот, скуколени по севозможните селски засолништа, и конечно мачно станува и оди да се измокри, додуша скудно, речиси залудно станат, долго стоејќи потпрен со едната рака на ѕидот со отпаднати плочки, во незагреаниот тоалет во кој капе чешмата во лавабо од џинго, полно со нови слоеви бигор и со стара ’рѓа. Во тие ноќи со обеспокојувачкиот сон, отечената простата која, само така се чини, не поднесува одлагање, сепак спасоносно го буди Трајанча, дотогаш стутулен под двојните ќебиња и покриен преку глава во крцкавиот бел метален брачен кревет со подизлупени шарени китки на плочката кај зглавјето, наследен од неговите веќе одамна упокоени родители…
Тој кошмар стана секојдневие на Трајанчо Велковиќ кое го притиска и ноќум, и кога убаво ќе се развие новиот, колку-толку навестувачки ден и кога наплив од нова надеж, не поради извесноста на решението на неговиот проблем со Државата и нејзината кратковидост за него, туку поради извесноста сега веќе единствено на муграта и потем на развлеченото вестење на новиот ден, ќе му проструи низ телото и тој ќе ја почувствува, пријатна и топла, таму некаде во градите – особено зимите како оваа, и покрај тоа што сѐ повеќе го притиска задув, па со изгрејсонцето останува или одново се враќа в кревет кадешто, сетики не можејќи да заспие, по којзнае кој пат ја враќа приказната на својот живот, во кој особено се важни последните дваесет и шест години.

Трајанчо беше создаден на овој ист, крцкав кревет, роден во оваа куќа во с. Драчево, во скопската околија, растеше со децата по улиците на местото, трчаше по околните ливади, крадеше со нив недозреани овошки по околните бавчи; потоа со мајка си и татка си кој таму доби работа, се отселија во блискиот главен град, а куќата, сѐ додека, брзо по својот маж не почина и самата, тивка, недообелена, и сѐ понеуредна, долго ја гледаше, помагаше, ја пиоддржуваше, лечеше и негуиваше својата баба; Трајанчо во градот заврши гимназија, од тамошната железничка станица замина во војска во најдалечната, и сеедно братската република, и кога по петнаесет месеци оттаму се врати, среќно се вработи во еден од големите комбинати, среќно се ожени, среќно водеше љубов со невестата, и сѐ понесреќно исчекуваа деца, и сето тоа му се случуваше во едно друго време и во една друга држава во која имаше и државјанство, и уредно пополнета работничка книшка, и извод од матичната книга на родените, и на венчаните, дури и на разведените, сѐ додека две години по доаѓањето на новата Држава, онаа што во сонот му се појавува како непозната надрочена жена, по приватизацијата на комбинатот и прогласувањето за технолошки вишок, заедно со илјадници други не остана без старата, и залудно бараше нова работа, и сѐ додека во 1993 година не реши да замине во Јелашница, едно мало село во соседната, до не многу одамна братска република, сега посебна држава, за кое никој освен него кој таму имаше далечен, а подеднакво осамен родина, и не беше чул; за таму да се обиде да си ја излечи осаменоста и првите знаци на задув што почнаа да го фаќаат во главниот град, потоа и во татковата куќа во Драчево кадешто одново се насели по разводот и каде почна буден да ги дочекува првите, по прв пат му се стори, безлични мугри… Сѐ така, во една животна реченица.
И кога по три месеци проведени во Јелашница во која му се засилија и чувството на осаменост и притисокот во градите, реши да си се врати и скраси дома – во куќата на своите отсекогаш спокојни, сега сите покојни драчевски претци, зашто никаде, дури и во најгостољубивите места, не е како што си е дома – Трајанчо Велковиќ не успеа да ги извади документите за државјанство и тогаш дозна дека во меѓувреме дека за државата станал – правно невидлив.
Така започна Одисејата на Трајанчо Велковиќ, човекот без работа и без држава, а со дедовски дом во село, сега и општина Драчево, поранешна Скопска околија. И слепиот Хомер ќе прогледаше од маките на Трајанчо Велковиќ, и ќе напишеше еп за патувањето на државите низ животите на луѓето од нашиве простори и за тоа како некои од нив, луѓето, од една, од друга или од петта причина, неочекувано стануваат државно невидливи. .. Трајанчо Велковиќ одеше од шалтер до шалтер, најнапред панично обиколувајќи ги сите установи, од локалните до државните, а потоа сѐ попривикнато ги пречекоруваше праговите на драчевската општина, шалтерите и – кога тоа чуварите во пријавниците од жал ќе му допуштеа – и канцелариите на сите можни министерства. Трајанчо ги поднесуваше своите стари лични карти, и изводи од матичните книги, воената книшка од служењето во народната армија, приложуваше уверение од месната канцеларија во Јелашница, општина Сурдулица, Пчињски округ – дека таму не е запишан ниту во матичната книга на родените, ниту во книгата на државјани при соседната држава, се исправаше пред шалтерите истегнувајќи ја витата сега подгрбавена става, за да докаже дека „го има“ и дека продолжува да постои… но сето тоа беше залудно. За другата страна, онаа што врз неговите докуманти празно гледаше преку шалтерските стакла, тој едноставно беше и остануваше – правно невидлив. Единственото во кое, при тие пречекорувања на праговите на Државни(ни)те установи успеа, беше добивањето лична карта за странец која гласеше на домашната адреса од дедовата и татковата куќа во која и тој беше роден и во која сега беше прогласен за полу-видлив, поточно за правно видлив единствено како странец дома.
Службениците и службеничките, некогаш со жалење, а најчесто пречекувајќи го со нескриен израз на кој и другите граѓани можеа да прочитаат неповолни изрази („еве го пак овој!“, „леле, отокот!“, „аман веќе од досадава!“, „што си ми дошол, бе, повторно!“ и таканатаму) ќе му ги дофрлеа назад документите кои Трајанчо полека ќе ги собереше од шалтерскиот пулт и пак ќе ги ставеше во проѕирната, веќе извалкана и заматена папка во која ги чуваше сите свои хартиени докази на неговото некомплетно постоење, со која тој често ги обиколуваше родното место и главниот град и од која секој можеше да ги види, иако онака заматени, истрошени и изветвени, и хартиите за неговото недокажливо правно постоење, но кои и покрај тоа, ниту тие, хартиите, ниту пак тој, никого повеќе не го интересираа… И кога спокојно, навикнат веќе на тоа, пред да ги подаде рацете за да си ги прибере отфрлените документи уште еднаш ќе подгледнеше во службеникот, овој ќе го упатеше непријатниот поглед некаде зад него и прекорно ќе се развикаше: „Следниот!“… И следниот ќе се појавеше и, подуплашен, несвесно ќе го истуркаше Трајанча Велковиќ од пред пултот, ќе се наведнеше ниско до шалтерскиот отвор, ќе наместеше повеќе шаштисана одошто љубезна насмевка, и со молежлив тон ќе побараше да му се издаде или завери веќе издаден документ, и ќе гледаше што побрзо да си ја заврши започнатата административна работа, да не се премисли Претставникот на Државата, да не замине на непредвидена пауза, да стане без објаснување и да се изгуби за подолго време, или пак да погледне над неговата глава и со оној ист поглед полн со непријатно чувство како не дај боже да го боли желудецот, гласно да се издере: „Следниот!“
На соседите кои постојано го потпрашуваат до каде е неговиот случај, тој веќе механички им одговара:
„До нигде. Ја не постојам. Како да сум паднал од небо.“
При тоа, тој останува сериозен, а тие креваат раменици или кисело се смеат и договараат со него некоја брза сезонска работа или комшиски му оставаат по некоја тегла од преостанатата зимница…

Тешко било веројатно секогаш и секаде, ама особено е тешко денес, да си правно невидливо лице зашто, рековме веќе, за човек кого државата не сака да го види, проблемите стануваат секојдневие. А како и не би станале секојдневие, кога и правно невидливите треба секој ден макар нешто да каснат, да пивнат (фала му на бога Драчево сега има водовод, за разлика од порано кога вода се црпеше од често загадуваните бунари), да купат лекови особено кога, како Трајанчо, имаат шеесет и една година, да не зборуваме за тоа дека душата и на правно невидливиот сака понекогаш да седне во кафеана и таму, ако не да се загрее со чашка ракија, барем да испие едно обично турско кафе…
„Лесно било во турско“, си мисли Трајанчо Велковиќ додека срка топол чај згреан на штотуку потпалената печка со дрвата со кои понекогаш му ја плаќаат работата по нивите и каналите, зашто уште дедовци му и баби му, му зборувале дека во пусто турско, за државата, каде-каде поголема, сите можеби не биле исти, ама секако биле – видливи. Како раја исполнителна и покорна, сите биле попишани во државните дефтери: и тука, и во големите царски архиви во Стамбол: „Велко на Трајана, кааза усќубска, Драчево-ќој, живее со жена и седум деца, за нив плаќа даноци…на бегот и на падишахот“ си замислува нивниот потомок и се смее со оштрбената уста, на едно непознато минато.

Една вечер станува како и обично да ја исцеди полната бешика, и наеднаш забележува дека мочта нема жолта, туку румена боја, како едноделниот фустан на државата од неговиот непрекинато сонуван сон. Наеднаш сѐ станува црвено, течноста што извира од неговото тело, прозорецот што гледа на исток, месечината која би требала да е бледа, муграта што овој пат за чудо многу порано се зајави, неговото купатило, излупеното огледалото над чешмата со незапрена шурка, неговиот зачуден лик во тоа огледало… И наеднаш Трајанчо Велковиќ се чувствува лесно, како никогаш до тогаш, во бешиката и во душата во која до тогаш нешто го притискаше, дури и во градите од каде – како нејзиниот стисок да се источил со онаа румена тегобност – исчезна и задуфот. И така, лесен, речиси прозрачен, Трајано посакува да спие. Чувствува дека следува сон, по толку многу години, спокоен и лесен, од ништо ненарушен, топол, мек и пријатен. И беше во право. Легнува непокриен на родителскот и својот брачен и осаменички кревет и тоне во тој за прв пат разубавен сон.
Пак ја сонува државата (овој пат со мало, природно и пријателско „д“). И во сонот гледа како разубавена, подмладена и лична, Неговата држава го здогледува и го повикува при себе, топло и милно, со гласот на мајка му која педесет и девет години порано, седната на овој ист кревет на кој татко му свртен на другата страна спиеше уморен од наполичарската работа, со извадена дојка и богородично раширени раце, со шепот исцеден низ насмевка го повикуваше него, речиси двегодишен, да ѝ дојде в крило за да го подои со млекото што мирисаше на чистата мајчина пазува и на боската одмиена со чај од камилица и од босилек; и натаму – тоа е една вита и лична држава, слична на жена му од времето кога во раните змиски ноќи ѝ се додворуваше и се губеше во нејзините топли пазуви и скутови со мирис на диви билки… Да, во сонот што сега го сонува, уморен од многугодишната борба за државна милост, истрошен од залудната наполичарска работа, осамен, осиромашен, но веќе не и гладен, за прв пат задоволен, конечно примен во топлото мајчинско крило на државата, додуша сѐ уште како странец во полите на сопствена држава, Трајанчо Велковиќ, на 61 година, тивко премина – во видливот. За неговата смрт беше издадена Смртовница, а тој беше конечно, официјално заведен во матичните книги на Државата. Тоа се случи на 26. Март 2019 година.

….

….

​​​ ​​ ….

Овој расказ му е посветен нему, на Трајанчо Велковиќ една автентична, вистинита иако правно невидлива личност, едно од моментно петоттините правно невидливи лица во оваа мала земја преку која пропатуваа толку држави; и на неговиот живот кој личи на апсурдна, горчлива бајка без пресврт и среќен крај.
За доказ ги приведуваме неговите генералии од проѕирната, сега уште позаматена папка, од која секој, барем уште извесно време, сѐ уште ќе може да ги види и прочита; освен нетранспарентната држава (оваа сепак со мало „д“!).
Еве ги неговите стварни податоци:

Трајанчо Велковиќ роден на 23.10.1958 во Скопје, ЕМБР 2310958450121, со стан во Скопје на ул. „Жарко Зрењанин“ бр.31 и бр. на л.к. 1158085 издадена 1990 од МВР Скопје, Република Македонија, СФРЈ. Починал на 26.03.2019 во нас. Драчево, Република Северна Македонија, како странец, во татковската куќа.

Со помош на Здружението на млади правници кои бесплатно се понудиле да му помогнат на ова лице да стане правно видливо, се обидуваше по шест децении живот во оваа земја, конечно да стане и нејзин државјанин. По тој повод, новинарот со иницијали Д.Ј. напиша: „Иако уморен од повеќедецениската борба со сопствената држава , осамен и уплашен, тој сепак верувал дека ќе го доживее денот кога повеќе нема да се чувствува како странец во сопствената држава. Не сигна да стане граѓанин на државата во која беше роден и во која умре.
Трајанчо Велковиќ беше правно, сега стана и физички непостоен.

Неговата судбина ја регистрираа медиумите, пред сѐ скопската „Телевизија 24“ низ двата прилога на новинарката С.С. и белградски „Телеграф“. Новинарскиот дел од информациите и видеото посветено на одисејата за невидливоста на еден човек при смената на државите во нашево време, може да се проследа и на:
https://www.telegraf.rs/vesti/jugosfera/3045419-zbog-kratkog-boravka-u-sumadiji-muskarac-iz-skoplja-nije-mogao-da-dokaze-da-je-makedonac-umro-je-kao-stranac-u-rodjenoj-drzavi-foto-video?utm_source=nove_povezane_vesti&utm_medium=povezane&utm_campaign=nove_povezane_vesti&utm_content=1

Толку.

Томислав Османли

Back to top button
Close