Невина жена пет месеци во затвор поради грешка на вештачка интелигенција

Педесетгодишна жена од Тенеси поминала повеќе од пет месеци во затвор, откако била погрешно идентификувана од систем за препознавање лица базиран на вештачка интелигенција и поврзана со серија финансиски измами во Северна Дакота – место каде, како што тврди, никогаш не била.

Случајот со Ангела Липс отвори сериозни прашања за употребата на АИ во полициските истраги, откако полицијата во Фарго призна дека направила „неколку грешки“ во постапката.

Истражителите користеле систем за препознавање лица од партнерска агенција, кој посочил „сличност“ со осомничено лице. Токму таа идентификација, без доволна дополнителна проверка, довела до издавање налог за апсење и нејзино приведување.

Липс била уапсена во јули, а потоа со месеци држена во притвор и префрлена на повеќе од 1.600 километри од својот дом. Таа се соочувала со сериозни обвиненија, вклучително и кражба и злоупотреба на лични податоци.

Пресвртот доаѓа кога нејзиниот адвокат презентирал банкарски докази дека во моментите на извршување на делата таа се наоѓала во Тенеси. Обвиненијата биле отфрлени дури во декември, по што таа била ослободена на Бадник.

„Бев исплашена, исцрпена и понижена“, изјавила Липс, опишувајќи го искуството како трауматично. Нејзиниот правен тим сега разгледува можност за тужба поради кршење на граѓанските права.

Полицијата во Фарго призна дека дел од проблемот било потпирањето на АИ систем кој не бил под нивна директна контрола. Станува збор за технологија на компанијата Clearview AI, која користи милијарди фотографии собрани од интернет.

Како последица на случајот, најавени се промени: идните идентификации преку препознавање лица ќе мора да добијат дополнително одобрување, а соработката со спорниот систем ќе биде прекината.

Back to top button
Close