Невистина е дека пожарите годинава не траеле повеќе од 12 часа
Пратеничката Стојаноска искажа невистина и полувистина околу пожарите и капацитетот на Владата за справување со пожарите, при што го апострофираше времето, односно колку траеле пожарите во просек годинава и подготвеноста, односно капацитетноста на надлежните за справување со огновите на отворен и затворен терен, анализира Вистономер.
Фото: Дафина Стојаноска, скриншот од Јутуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеничката Стојаноска искажа невистина и полувистина околу пожарите и капацитетот на Владата за справување со пожарите, при што го апострофираше времето, односно колку траеле пожарите во просек годинава и подготвеноста, односно капацитетноста на надлежните за справување со огновите на отворен и затворен терен, пренесува Вистиномер.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска во дел од прес-конференцијата за амандманската расправа околу ребалансот на Буџетот искажа тврдење кое е невистинито:
Амандманот за пожарникарите не е изгласан. Односно, никој не гласаше „против“, а за жал немаше ни некој да гласа „за“. Не знам колку се во тек колегите од СДСМ, ДУИ и Левица дека веќе е во тек план за вработување на 400 пожарникари, дека е во полна кондиција сè што се однесува на опрема на оваа Влада за справување со пожарите.
Факт е дека и најмалиот и најголемиот пожар, и по зафатнина и по моќност, не траел повеќе од 12 часа. Значи, оваа Влада со оваа подготвеност е спремна да се справи со овие пожари, изјави Дафина Стојаноска
[Извор: Тајм.мк/агрегирани вести – Д. Стојаноска/прес: Датум – 14.07.2025]
Образложение:
Пратеничката Стојаноска искажа невистина и полувистина околу пожарите и капацитетот на Владата за справување со пожарите, при што го апострофираше времето, односно колку траеле пожарите во просек годинава и подготвеноста, односно капацитетноста на надлежните за справување со огновите на отворен и затворен теренНа прес-конференцијата каде што појаснуваше зошто ниту еден амандман на СДСМ и Левица не бил прифатен, а кои беа поврзани со пренамена на средства од Буџетот со цел подобрување на условите и платите на сите оние кои се справуваат со пожарите, во првиот дел од реченицата кажа дека никој не гласал „против“, но немало ниту гласови „за“ – мислејќи на СДСМ и на Левица. А потоа, со аргументи кои се невистина и полувистина, се чини сакаше да каже дека амандманите биле непотребни.
Првиот аргумент, дека и најмалиот и најголемиот пожар по зафатнина и моќност не траеле повеќе од 12 часа е невистина. Можеби некој многу мал пожар да, но пожарите од последните недели, барем три, оној кај Чучер Сандево, оној кај Македонски Брод во близина на Самоков и овој сè уште недоизгаснат кај с. Николиќ во близина на Дојран, траеа и по повеќе денови. Доволно е само да се следат известувањата од ЦУК и агрегаторите, што може да се види на линковите тука, тука и тука кои регистрираа вести за споменатите пожари во период од 07.07 до 14.07, кога пратеничката Стојановска ја држеше прес-конференцијата.
Амандманите на СДСМ и на Левица се однесуваа за пренамена на средства од Буџетот за дополнителна опрема, нова организација и плати на луѓето и институциите што се справуваат со пожари. Иако не пројдоа, биле надгласани или не гласале и ги немало како што наведува Стојаноска, секако дека е проблематична и полувистинита нејзината изјава дека „веќе е во тек план за вработување на 400 пожарникари, дека е во полна кондиција сè што се однесува на опрема на оваа Влада за справување со пожарите“.Значењето на искажаното од Стојаноска, во контекст со следната реченица – „оваа Влада со оваа подготвеност е спремна да се справи со овие пожари“, е дека Владата и надлежните се со целосен капацитет, што е невистина или барем делумна вистина.
Најпрво, огласот за нови 400 пожарникари е де факто за 400 невработени лица кои допрва треба да минат кратка теоретска обука, па потоа практична, каде ќе бидат распоредени во територијалните противпожарни единици во 14 општини и каде што најпрво ќе бидат тестирани со справување со пожари каде што се зафатени тревнати површини и нискостеблеста вегетација. Тие ќе бидат распоредени и откако ќе ги добијат и униформите, кои допрва се набавуваат. Ова значи дека ако овие 400 невработени сите се покажат способни, во некој целосен оперативен капацитет можеби ќе бидат подготвени во септември-октомври.
Второ, сè уште не е вратен од сервис третиот авион „ер-трактор“, а и покрај 38-те пренаменети транспортери и теренски возила кои ги доби ДЗС, во постојните противпожарни единици сè уште недостасуваат возила и друга опрема. Сето ова може да се види ако се изгледа гостувањето на првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов на Тв Телма од минатата недела (08.07.), или ако се прочитаат анализата на Вистиномер од минатата недела, каде што има бројни извори кои говорат за капацитетот и проблемите на државата за справување со пожарите.
Впрочем, никој и никогаш нема да може да каже дека е стопроцентно „апдејтиран“ со луѓе или со опрема за справување со пожари и дека не треба нешто плус, што беше понудено со амандманите на СДСМ и Левица, без оглед дали во позадина стои пи-ар или не.
Поради погоре наведените аргументи, делот од изјавата на пратеничката Дафина Стојаноска што се однесуваше на времетраењето на пожарите и капацитетите за справување со пожарите го оценуваме како невистинит (и делумно вистинит).
Оценил: Теофил Блажевски
Извори:
(14.07.2025) Тајм.мк – Стојаноска/вести – [Проверено на 15.07.2025]
(07-14.07.2025) Тајм.мк – агрегирани вести (тука, тука и тука) – [Проверено на 15.07.2025]
(08.07.2025) Телма – С. Ангелов/интервју – [Проверено на 15.07.2025]
(09.07.2025) Вистиномер – Анализа/Контекст – [Проверено на 15.07.2025]