Невреме во Македонија, паднати дрвја во околината на Тетово
Невреме проследено со поројни дождови, ветер и грмотевици попладнево зафати делови од Македонија. Во околината на Тетово се забележани паднати дрвја.
Пред малку дождовите од Гостивар и Тетово стигнаа во Скопје.
Во делови од главниот град во моментов има интензивни врнежи, ветер и грмотевици, а на одредени локации и појава на слаб град.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредуваат дека врз Македонија се движи нестабилна воздушна маса, особено над западниот и централниот дел на земјата.
– Се забележуваат области со интензивни врнежи западно од Скопје, кон Тетово и Гостивар, што укажува на присуство на активна конвективна облачност со силен дожд, а можеби и град – соопштија од УХМР.