Незадоволната група од Алтернатива не отстапува од барањето за разрешување на Сали – нивната иницијатива ќе ја разгледува новата внатрепартиска комисија


Од групата незадоволни членови на партијата додаваат дека во очекување на следните чекори на парискиот лидер Гаши нивните барања ќе ги разгледува новоформираната внатрепартиска комисија чија цел, како што велат, е да изнајде компромис помеѓу страните. Оттаму велат оти очекуваат позитивно решение за надминување на ситуацијата во полза на членството на Алтернатива и на граѓаните

Групата незадоволни членови од Централниот комитет од огранокот на Чаир на партијата Алтернатива денеска потврди дека не отстапува од барањето за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, кој е кадар на оваа партија. Тие во соопштението испратено до медиумите информираат дека веќе е поминат десетдневниот рок кој му го дадоа на партискиот лидер Африм Гаши за исполнување на нивните барања.

„Задолжени сме уште еднаш јавно да потенцираме дека не ретерираме од нашите барања објавени неколку недели, и со оваа ситуација веќе е запознаен и претседателот на партијата. Така што, очекуваме нашите легитимни барања да се исполнат согласно статутот на партијата“,се наведува во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека во очекување на следните чекори на парискиот лидер Гаши нивните барања ќе ги разгледува новоформираната внатрепартиска комисија чија цел, како што велат од Алтернатива, е да изнајде компромис помеѓу страните. Оттаму велат оти очекуваат позитивно решение за надминување на ситуацијата во полза на членството на Алтернатива и на граѓаните.

„Треба оставка од министерот за здравство Беким Сали, а ќе се разгледа и неговата позиција во партијата, дали се уште ќе остане потпретседател. Бидејќи ги има погазено начелата на партијата, го губи и правото да остане потпретседател на партијата“,изјави за МИА членот на партиското раководство Меритон Цивули.
На прес-конференција што се одржа на 14 ноември, дел од членовите на огранокот на Алтернатива во Чаир, меѓу кои и Цивули, кој е поранешен шеф на кабинет на Сали, побараа оставка од министерот поради незадоволство од неговата работа. Незадоволните му дадоа рок на партискиот лидер Гаши да иницира разрешување на Сали во период од 10 дена, а во спротивно порачаа дека одговорноста за понатамошните чекори ќе биде ексклузивно на негов товар.

Во реакција на прес-конференцијата на Цивули пред десетина дена, министерот Сали истакна дека незадоволствата доаѓаат од поединци кои „реагираат поради нивни лични интереси“.

Back to top button
Close