Незаконито апсење на студент го разгоре протестот во Нови Сад
Студентите кои го блокираат Универзитетот во Нови Сад вчеравечер ги повикаа сите што се во можност да дојдат пред Полициската станица „Стар Град“, поради апсењето на нивниот колега од Факултетот за технички науки (ФТН).
Тие претходно соопштија дека полицијата „незаконито и неосновано“ вечерва уапсила студент на ФТН, под изговор дека го нападнал деканот на Факултетот за спорт и физичко воспитување (ДИФ), Патрик Дрид.
„Денес, за време на собирањето пред Факултетот за спорт и физичко воспитување, дојде до турканица меѓу полицијата, граѓаните и студентите. При тоа, полицијата без оправдана причина употреби прекумерна сила врз присутните, што најостро го осудуваме“, објавија студентите.
Тие категорично демантираат дека нивниот колега физички го нападнал деканот.
„Колегата не изврши никакво насилство, ниту било кој од присутните студенти се впушти во физички судири. Прекумерната употреба на сила дојде единствено од страна на полицијата“, стои во соопштението.
Студентите во блокада сметаат дека апсењето на нивниот колега е „неосновано, незаконито и насочено кон заплашување на студентите“ и задушување на правото на слободно собирање и изразување на мислење.
„Бараме итно ослободување на нашиот колега и санкционирање на сите одговорни за употребата на прекумерна сила врз граѓаните и студентите“, велат студентите. (Trn)