Независни граѓански иницијативи се обединуваат во заедничка платформа за учество на локалните избори
Независни граѓански иницијативи се обединуваат во заедничка платформа за учество на локалните избори.
Од Шанса за Центар информираат дека со здружување во заедничка формално регистрирана платформа, ќе се борат против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес.
„Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби.
Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите Шанса за Центар , Независни За Карпош – За Заштита На Карпош , Зелените Од Гази Баба , граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава.
Изминатиов период, повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град – разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно.
Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба.
Ги информираме граѓаните дека платформата што ќе ја основаме формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка. Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов.
Во следниот период ќе споделиме повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претставиме нашите листи и кандидати. Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација.
Граѓаните заслужуваат избор – но и јасна слика. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот.
Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички“, велат во соопштението