Независни наспроти партиски кандидати

Се чини дека никогаш немало повеќе независни кадидати за градоначалници и советници. Точниот број е тешко да се утврди бидејки освен официјално прокламираните независни кандидати постојат и значителен број на лица кои се изјаснуваат за независни, а се на листите на некоја од партиите. Ова особено е тренд во Скопје и поголемите општини.
Зошто толку многу независни кандидати, какви им се шансите и што може да се очекува во иднина.
 Всушност ова и не би требало да биде големо изненадување со оглед на општата клима на недоверба кон политичките партии акумулирана во изминатите три децении на практикување на парламентарна демократија во Македонија. Бројните скандали, неисполнети ветувања, разочараност на граѓаните од перформансот на избраните функционери и преовладувачкиот впечаток дека “сите се исти” логично водат или кон барање на алтернативи или кон целосна политичка апатија. Долгата историја на преовладувачка перцепција дека партиите, односно нивните елити, во пракса ги задоволуваат само сопствените интереси, проследени со корупциски афери од огромни размери доведе до разочарување од повеќепартизмот во општество во кое и онака не постои демократска традиција. Партиите не ја одиграа успешно својата улога на посредници помеѓу граѓанството и државните институции кои станаа партиски заложници, пренатрупани со неуки, прекубројни послушници, неспособни и без воља да бидат сервис на граѓаните.
Дека постои латентно незадоволство од постоечката состојба беше евидентно и поголемите партии се обидоа превентивно да си обезбедат поповолна стартна позиција уште летото, преку најавените измени на изборниот закон, кој за извесен период го одложија за на крај сепак да го донесат. Со новите одредби директно и недвосмислено се фаворизираат постоечките поголеми партии на начин кој не води кон демократизација и фер избори и независните листи се ставени во подредена улога. На тој начин големите партии покажаа дека не им е сеедно од појавата на бројни независни листи и кандидати.
 Во постоечките околности појавата на значителен број на независни кандидати претставува освежување на политичката сцена и своевиден притисок врз традиционалните, етаблирани партии. Вистинската димензија на тој притисок ќе зависи од изборните резултати кои можат да покренат одредени трендови за во иднина.

Засега се чини дека не можат да се очекуваат некакви спектакуларни резултати. Сосема е извесно дека на повеќе места ќе бидат освоени советнички мандати меѓутоа, иако не ги познавам состојбите во повеќе општини, со прилично голема веројатност може да се предвиди дека ќе изостанат резултати во борбата за градоначалнички места. Потребни се огромен број на гласови за да се освои градоначалник, а и гласачите не се спремни се уште да се тргнат од сигурноста која ја нуди партиската прегратка. Премногу лични интереси се испреплетени со партиските и премногу клиентелизам се има акумулирано. Колку и да се искомпромитирани и непопуларни партиите тие сепак за огромен број на граѓани значат сигурност за зачувување на одредени повластици и привилегии или надеж дека до нив можат да дојдат. Во општество во кое искуството ги научи луѓето дека нивната благосостојба зависи од релациите и близината со политичките победници, тешко е да се очекува нагли, радикални дистанцирања од проверените, докажано најсигурни политички играчи.

 Сепак, во секој случај, локалните избори се вистинското место за обид да се влезе во политичката арена. Дали и какви резултати ќе се постигнат е сосема друго прашање.
 Климата на разочараност, дезориентираност и скептицизам на гласачкото тело е несомнена и очигледна, но дали е доволна за позначајни промени на македонската политичка сцена. Дали моменталната предизборна енергија преточена во голем број независни кандидатури ќе еволуира во потрајни, поконзистентни структури со капацитет и амбиција да се факторизираат во македонската политика или сепак во прашање се ефемерни појави, ќе се покаже набргу.
 Македонската политичка сцена има една специфичност по која донекаде и е слична само Хрватска, од сите држави од окружувањето. Само кај нас и во Хрватска во изминатите три децении на врвот на власта се менуваат две исти партии. Сепак на последните локални избори таму се појави респектабилна политичка сила која израсна од граѓанскиот активизам и која засега е локална, меѓутоа доколку покаже резултати во Загреб може да се надева на примат на левиот политички спектар.
Едно е сосема сигурно.
Перспективата дури и на евентуално успешните независни листи е нивно еволуирање во политички партии. Констатацијата на Черчил дека демократијата е многу лош систем само што тој за подобар не знае, во голема мера може да се примени и кај партиите. Партиите, такви какви што се, обременети со бројни слабости, контроверзи па дури и скандали сепак се незаменливи играчи во политичката борба. Во неколкувековната демократска традиција нивната улога во артикулирањето на заеднички интереси на различни групи на луѓе, на утврдување на општа воља, на цврста структура, на едукација и дисциплинирање на членството, на дефинирање на идеологија и врз основа на неа нудење на политичка програма, останала незаменлива. Во општата идеолошка неконзистентност и недефинираност на постоечките партии вистинско освежување и полн погодок би била појавата на нова политичка сила со јасно одредена идеологија и социјална структура на која почива. Само така овој наплив на политичка конкуренција ќе се издигне од саем на суети и незадоволени лични апетити во вистинска политичка сила.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close