Независни советници бараат поголема транспарентност на општините преку амандмани на Законот за локална самоуправа

Претставници на здружението „O2 Иницијатива“ и на граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ денеска до Собранието поднесоа вкупно 20 предлози за амандмани на измените на Законот за локална самоуправа.

Измените на законот, кој се менува по 23 години, се на дневен ред на денешната пленарна седница.

 

Независната советничка во Карпош, Невена Георгиевска, изјави дека при подготовката на законските измени не биле консултирани тие како претставници на граѓанските иницијативи.

Таа додаде дека нивните забелешки биле доставени до ЕНЕР, но ниту еден од предлозите не бил прифатен.

Георгиевска додаде дека иако консултации биле одржани со градоначалниците, изостанале разговорите со членовите на советите на општините, кои се еден од двата клучни органи на општината.

Таа истакна дека најголем дел од поднесените амандмани се фокусираат на зголемување на транспарентноста во работењето на општините и олеснување на пристапот на граѓаните до информации.

„Податоци кои според Законот за информации од јавен карактер треба да бидат поставени на страната. Тоа зависи од општина до општина. Затоа сакаме да се стави точно кои општини треба да бидат доставени. Во однос на работата на советниците, соочени сме исто со проблем на недобивање на информации како советници. Од таа причина бараме да биде законски одлучено во колкав рок треба да ни бидат доставени тие одговори и да не биде тоа сведено на статутите или деловниците од општините, туку да бдие законско решение“,рече Георгиевска.

Со поднесените амандмани се предлагаат и прекршочни казни за ненавремено доставување на бараните информации до советниците во предвидениот рок.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа минатата недела беше одобрен на владина седница.

Со измените и дополнувањата меѓу другото се предивдува референдумско отповикување градоначалници, воведување комунална полиција и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.

Измените предвидуваат распишување на референдум за отповикување на градоначалник доколку 20 проценти од граѓаните во конкретната општина поднесат предлог за негово разрешување.

Предлог-измените доколку бидат донесени ќе важат за новите градоначалници кои ќе се избираат на редовните локални избори во октомври.

Back to top button
Close