Независност-безбедност- дипломатија

 

Каква коинциденција. Баш на денот на прославата на независноста (од кого ? и зар таа не е стекната пред 77 години, а не пред 30 и зар бројот 77 не е ангелски број кој симболизира дека сте на вистинскиот пат по кој треба да продолжите) се поклопија, со не баш славни настани, на двете основни категорији кои обезбедуваат независност. Тоа е секако безбедноста и веќе прокламираната, од некогашниот МНР на РМ, латинскиот Дон Хуан, умислената попивка на Преспанскиот договор, кој нашата дипломатија ја прогласи како феноменална, мислејќи притоа, дека тој како некогашен шеф е најзаслужен, заборавувајќи дека неговата дипломатска кариера е запечатена, како впрочем и на сите досегашни МНР на библијската земја.

Независноста кај нас се слави партиски и несинхронизирано. Секој влече на своја страна. Од кого сме ние независни? Единствено од самите себе. Не решаваме за ништо сами. Не функционираме во нормални услови. Потребен ни е хаос од кој бараме спас не како независни туку како максимално зависни. Не спасуваат веќе 30 години. Но, не не унапредуваат. Талкаме во место, а талкањето го есапиме као успех. Се занесуваме како некаков си лидер. На времето беше популарна синтагмата на првиот ни президент дека сме оаза на мирот. Единствено што асоцираме на оаза, е фактот дека сеуште имаме доволно вода. До кога?. Се останото е измислено, како и теоријата на еквидистанца во меѓународните односи. Таа еквидистанца не донесе ништо. Еве сега имаме какво такво име во ОН. Тоа не менува ништо на меѓународен план. На домашен води кон раслојувања и поделби. Ние никогаш нема да бидеме решение на проблемот, туку секогаш дел од проблемот. Ние сами не одлучуваме за решенијата. Чекаме медијатори кои не работаат бесплатно. За решенијата бараме консензуалност на етникумите кои доминираат во државата. Ако не, тогаш влегуваме во импровизиран конфликт, кој се решава со медијатори кои се секогаш прагматични. Потоа следи прекин на огнот, до прва нова прилика и така до падот на првиот метероит на Западниот Балкан.

За одржување на независноста неопходна е безбедност на државата која 30 години не е целосно обезбедена. Членството во НАТО за кое првенствено беше заинтересирана и ангажирана албанската политичка опција. Се разбира дека и пратеници (ние немаме Парламент) на двете најголеми македонски партии беа за тоа опција, секоја (ДПМНЕ и СДСМ) од свои причини. Тоа што се чекаше да се промени името па да стане членка на НАТО не е никаков наш успех, како што впрочем не беше ниту успех на Романија и Бугарија, а посебно не на Балтичките држави приемот во НАТО. Страв од Русија. Тоа е геостратегија кои нашите ја толкуваат како свој успех, а заедничките маневри на Криволак ги есапиме како наш политички, а не географски поим. Така беше случај и со толкувањето на нашите придонеси во мировната мисија во Авганистан. Безбедноста не е само надворешна и не е поврзана единствено со евентуалните агресии и загрозување на сувереноста на државата. Безбедноста е и внатрешен феномен, во нашиов случај, посебно после членството во НАТО, станува се повеќе внатрешен проблем. Дали сме и внатрешно небезбедоносно ранливи. За жал се покажува дека сме. Примери има многу. Причини познати, а резултати во истрагите невидливи и забошотени. Институциите на безбедноста се познати и формално дефинирани по европските стандарди. Разултатите не се на нивото на извршените реформи кои не се целосни. Институциите за безбедност формално не се независни, а тоа продуцира небезбедност, која не може да се сокрие. Независноста се обезбедува со видлива безбедност. Независноста може да се наруши и одвнатре. Таленти за тоа имате колку сакате. Не ги етикираме,поради виртуалната внатрешна стабилност. Кадровските решенија, автономни и увезени за големи хонорари, гарантираат дека на безбедноста не и се посветува соодветно решение. Резонот е ако некогаш загусти ќе не спасуваат други. Владарите и спахиите се покриваат со народот кои ги гласа. По изборот одат директно на небото. Не газат по земја, туку од височина гледаат на своите напуштени опустошени огништа. Заборавија на немаштината. Добија ореол на непогрешливоста. Стануваат добротворци,

миротворци, самопрогласени кандидати за нобелови награди, полиглоти, умислени државници, идни академици, наивно верувајќи дека се миленици на меѓународните фактори, а при тоа забораваат дека се само марионети. Најтрагично е што сметаат дека народецот тоа не го забележува, макар што тие секоја четврта година го лажат. Народот е трпелив. Владите кај нас паѓаат како лисја во есен. Сами од себе. И пак како лисјата озеленуваат како една албанска партија која стана зелена, бидејки борбата за независност и егзистенција ја започна од еколошки зелена средина, богата со кислород и зелена трева. Сега има амбиција во Европскит парламент да влезат во групата на зелени партии, кои во последно време завземат се позначајни позиции. Вистинска одлука за преобразба.

Сега на ред дојде и дипломатијата како елемент на независноста па и за безбедноста. Да почнам од независноста. Нашата републичка дипломатија (до јуни1992) беше од локален карактер, со мал домет на влијание. Таа се разбира не беше во можност посериозно да се занимава со продлабочени анализи после падот на Берлинскиот зид. Тоа всушност не го направи и сојузната дипломатија од познати причини. Република Македонија целосно неподготвена го пречека распадот на Југославија. Високите дипломатски претставници на РМ во Белград кои беа повлечени во јуни 1992, речиси една година по прогласување на независноста, не беа дипломатски инволвирани во процесот на осамостојувањето. Имаше и дисиденти како во тоа време највисоко рангираниот македонски дипломат во Белград, кој наместо да се врати во Скопје и да и помогне на новата македонска дипломатија, заталка во Париз да продава нафта кај Вукобрат, па по фијаското молеше да се врати во Скопје. Менторот, да тој, му го чуваше местото на амбасадор во Бон, а потоа премиерот Љ.Г. опседнат малограѓански со ликот на С.К. со асистенција на Народната банка на РМ, му дозволи да изгради нова амбасада во Берлин (Кенигс алее 2) за што има и потврда во вид на мермерна плоча на самата зграда. Толку за тој временски сегмент. Потоа се нижат големите гафови на македонската дипломатија кои секако не обезбедуваа и соодветна безбедност и зачувување на независноста на нашата држава. За тоа редовно пишувам во своите колумни веќе 15 години. Им досадив и на Господа и на читателите. Имаше и гафови кои што директно ја загрозуваа безбедноста на државата што секако имаше влијание и за нашта репутација како независна држава. Еден од поспектуларните настани беше бегството на поранешниот наш амбасадор во Прага, пред тоа државен секретар, а пред тоа трет секретар во Амбасадата во Варшава, примен во МНР како државјанин на Полска. Случајот остана до крај неразјаснет, како и патем и сите скандали во белата палата на Сарафов. Карактеристично е дека скандалите во МНР за кои зборува и самиот Синдикат на дипломатите, немаат завршница. Како ништо да не се случува. Скандалите односно нивното несанкционисање ги окуражуваат дипломатите да продолжат со волунтаризмот и кршењето на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година. Посебна категорија е небезбедноста на нашите ДКП, а до неодмна и несодветната крипозаштита на документите кои пристигнуваат во централата во Скопје и обратно. Особено несватливо е несоработувањето на МНР со соодветните служби во МВР, Агенцијата за безбедност, воената разознувачка служба. Голем проблем е безбедносното гарантирање на дипломатите. Безбедонсен сертификат е само копија на партиска книшка на истакнат член, лоциран во институциите. Дека е тоа така покажа и последниот инцидент на македонскиот дипломат со случајот на евакуација на еден ерменски дипломат од Ереван. Сите досегашни изјави на официјалните лица зборуват дека не ја сфаќаат нашата дипломатска брука. Се кријат вообичаено зад чекање на спроведената истрага, се колнат дека од сега натаму ќе се води сметка за кадровите, дека прекршителот е сепак граѓанин на РМ и дека треба да му се помогне, што не е спорно, но никој не кажува дека со инцидентот е нарушен угледот на РМ, ерозиран до крај непостоечкиот рејтинг на македонската дипломатија и конечно загрозена и нашата безбедност како еден од елементите на независноста на државата. На никого не му паѓа напамет во МНР на РМ да анализира/истражи зошто Ерменија долго време немаше дипломатски односи со нашата држава која сега ја покрива од Атина. Популарното Радио Ереван, познато по духовитите досетки можеби ќе ги праша слушателите “Дали знаете како најлесно се пристигнува во Европа?. Одговорот сега е познат. “Fly by macedonian diplomacy”. Во овој скандал секако не се инволвирани само актерите од МНР. Евентуални сооучесници би можеле да бидат од познатите безбедоносни структури. Ako е сепак случај на индивидуелен чекор на еден компромитиран дипломат, тогаш тој треба да биде унапреден. Не случајно евакуираниот ерменски поранешен амбасадор слета на General Aviation на аеродромот „Швехат“ во Виена, во придружба на високо дипломатски претставник на нашата Мисија при ОБСЕ. РМ треба во 2023 година да председава со оваа институција со доста намалено значење.
Сигурно е дека сега, овој скандал, верувањата во нашиот дипломатски кредибилитет за успешно председавање се многу намалени, а изјавите на поранешниот МНР Н. Димитров – целосно демантирани. Не не бива, а не како што тој тврди дека не бива, алудирајќи на гушкањето со Коцијас на грчката страна на поделеното езеро.

Пишува: Ѓорѓи Мисајловски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close