Нежните фашистички душички

На 16 април во Бари ќе започне судењето на пензионираниот професор Лучијано Канфора (81), бидејќи ја навредил италијанската премиерка Џорџа Мелони, велејќи пред неколку години дека таа во душата е неонацист. На 11 април, се појави меѓународна петиција, претежно од професори и интелектуалци од Франција, во која се осудува процесот и политичарката која напаѓа на суд.

Не е нешто ново: и сестрата на премиерката тужеше професор за слична навреда; самата премиерка пак успеа да извлече казна од 1.000 евра од Роберто Савијано, познатиот автор на многу книги со заедничка тема – организираниот криминал во Италија, особено Камора. Ја означи како неонацистка, односно фашистка. Таа побара над 72.000…

Што да правиме, кога сестрите и нивните многубројни духовни браќа имаат толку нежни души.

Во петицијата се наведуваат многу примери во кои Мелони дејствувала во корист на екстремната десница и нејзината партија, која о ја основала, Браќата од Италија, нејзиното одбивање да зборува против фашизмот и многу повеќе. Познато е и нејзиното барање постхумно на Тито да му бидат одземени сите италијански ордени. Тоа го нема во петицијата. Изјавата на Канфора дека е таква „во душата“ на е наивна: зборуваме за мала верна борка. Браќата на Италија се наследници на она што Италијанците го нарекуваат „наци-фашизам“ – конкретниот историски простор и време по капитулацијата на Италија во 1943 година, главно на северот, каде што најлојалните фашисти ја создадоа квислиншката држава Социјална Република Италија и заедно до нацистите вршеа страшен терор.

Лучијано Канфора е еден од најистакнатите италијански интелектуалци, од медитерански тип, би рекла: како француските, шпанските, португалските и грчките интелектуалци, тој со години пишува за дневната политика, идеологијата, филозофијата, моралот на модерното време. Колумнист за Corriere della Sera, ангажиран, се кандидираше за европратеник. Меѓу таквите има неколку експерти за античкиот свет – најголемата историска перспектива што може да се има во политиката. Да го споменеме и Жан-Пјер Вернан, класицист, кој за време на војната бил командант и го добил највисокиот француски орден Пријател на слободата, а подоцна учествувал во многу општествени акции, особено против францускиот колонијализам во војната во Алжир.

Уште поистакнат беше Пјер Видал Наке, кој детално ги истражуваше случаите на тортура во војната во Алжир. Тие ми беа учители и кон нив негувам длабоки чувства, пред се благодарност, затоа што јавно застанаа во моја одбрана кога Институтот за литература, под страствен притисок на Хатиџе Крњевиќ и Предраг Палавестра, сакаше да ме стави во затвор, а четири години подоцна, со писмо до словенечката влада преку ноќ издејствуваа да добијам двојно државјанство

Лучано Канфора е секако еден од најпознатите италијански интелектуалци, комунист, а во исто време и првиот авторитет во светот за античките библиотеки и културата на писменост. Неговата книга за Александриската библиотека е суштинско четиво за тие теми. Пред 20 години ја напиша книгата Демократија – Историјата на една идеологија, секако најпредизвикувачката историја на демократијата, која ни открива колку сме без знаење за значењето на зборовите и концептот што го злоупотребуваме… Оваа година ја објави книгата Фашизмот никогаш не умира. Пишуваше за Демостен, Тукидид, Андокид, Цицерон, Грамши, сталинизмот, германските интелектуалци во нацизмот… Неговата библиографија е вртоглава.

Џорџа Мелони, тужителката, систематски ја фашизира Италија, највидливо во надворешната политика, поврзувајќи се со нелибералниот европски блок – Унгарија и Полска. Во меѓувреме, Полска се врати во проевропската група, но Словачка се отвори за десничарска соработка. Премиерката го гради својот лик со замолчување за минатото и глумење чудна чувствителност – но не за жртвите на фашизмот, туку за себе како најголема жртва на обвинувањата за фашизам. Перверзно и гротескно не се доволно силни термини за тоа. Но, за среќа, таквото создавање слика не може да се изгради, само може да се продолжи со отстранување на слоевите на лаги и маскирање. И затоа судењето на Лучан Канфора, без разлика дали ќе го добие или не, може да значи само разоткривање на техниките на неонацизмот.

Канфора нема право, бидејќи не е сигурно дека премиерката може да го смести неонацизмот во нејзината душа: нејзиното постоење (на нејзината душа м.з.) не е докажано.

Извор: Peščanik

Превод: Лени Фрчкоска

 

 

 

Back to top button
Close